НАМЕСТО РУСИЈА, ТИЕ ЈА СКРШИЈА ЕВРОПА Санкциите се промашување на ЕУ, критикува Орбан

Унгарскиот премиер смета дека заемите и санкциите ја продлабочуваат војната и дека излезот е во преговори, а не во ескалација.

249

Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро ја критикуваше одлуката на Европската унија да воведе санкции против Русија со цел, како што вели, да биде „скршена“ Москва, оценувајќи дека последиците наместо тоа најсилно ги почувствувале земјите-членки на Унијата.

– Брисел вети дека санкциите ќе ја скршат Русија. Наместо тоа, ја скршија Европа. Цените на енергенсите експлодираа, конкурентноста опадна, а Европа заостанува. Тоа е цената на лошите одлуки. Потребни се преговори, а не ескалации – вели Орбан на социјалната мрежа Х.






Тој нагласи дека народот на Европа заслужува подобра политика и дека на континентот му е потребен мир.

– Кој сака војната да продолжи? Политичарите кои мислат дека нуклеарна сила може да се победи на бојното поле. Производителите на оружје кои профитираат од бескрајниот конфликт. Банкарите кои се обложуваат на воен пораз на Русија – оцени унгарскиот премиер.

Орбан потсети и на неговите претходни изјави дека отплатата на заемот од 90 милијарди евра за Украина е директно поврзана со воена победа, а не со економски раст. Тој посочи дека за првпат во историјата на Европската унија, 24 земји-членки заеднички одобриле воен заем за држава надвор од Унијата, што, според него, претставува сериозно и квалитативно поместување.

– Логиката на заемот е јасна, оној што позајмува пари, сака тие да му се вратат. Во овој случај, отплатата не е врзана за економски раст или стабилизација, туку за воена победа. За овие пари некогаш да се вратат, Русија би морала да биде поразена – истакна Орбан.

Според него, бриселската воена логика не се забавува, туку сè повеќе се институционализира. Како што вели, ризикот денес е поголем од кога било, бидејќи продолжувањето на војната сега е поврзано со финансиски интереси.

– Унгарија намерно не чекори по овој опасен пат. Не учествуваме во иницијативи кои ги прават државите заинтересирани за продолжување на војната. Не бараме брз пат кон војната, туку излез кон мирот. Тоа не е изолационизам, туку стратешка трезвеност, во интерес на Унгарија, а долгорочно и во интерес на Европа – порача унгарскиот премиер.

Орбан додаде дека смета оти ни 90 милијарди евра нема да ја променат реалноста на теренот.

– Вложувањето пари во овој конфликт нема да ги смени работите. Колку подолго трае војната, толку позицијата на Украина станува послаба. Време е за преговори, време е за мир – нагласи Орбан.

Поврзани содржини