„НАМЕСТО ДА СЕ ИЗВИНИ, ФИЛИПЧЕ БАРА НОВИ ТЕНДЕРИ“ Кој го клекна на колена македонското здравство?
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека додека бил на функција Филипче бил дел од корумпирана мрежа на наградување партиски поданици со милионски тендери.
Наместо да се извини за штетите кои им ги направи на граѓаните, Филипче повторно се бори за нови тендери и се промовира како алтернатива, обвинува партијата ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека „некој како Филипче, кој беше еден од тендерџиите кои го компромитираа јавното здравје, нема кредибилитет повторно да се стреми кон позиција на моќ“.
ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Филипче. Во соопштението се вели дека „неговата оставка не треба да биде негова лична одлука, таа е долг кон народот, кој премногу долго ја плаќа цената на неговите одлуки“.
Во текстот се тврди дека додека бил на функција Филипче бил дел од корумпирана мрежа на наградување партиски поданици.
„Неговото министерствување не беше само неуспешно, туку ја стави здравствената грижа на продажба, каде што милионски тендери се делеа како политички подароци, додека здравјето на луѓето го стави на чекање.
Однесувањето на Филипче е вистински пример за злоупотреба на власта. Кога ја постави Ирина Пановска за директорка на Клиниката за хематологија, Пановска не беше само директорка, туку и главен канал за доделување тендери на фирмата Д-р Пановски – приватна фирма во сопственост на нејзиниот татко.
Филипче направи брутален судир на интереси, дозволи државна институција годишно преку ќерката назначена за директор да доделува милионски тендери на фирмата на нејзиниот татко. Татко-веледрогерист, ќерка-директор.
Овој случај не е изолиран. Овој случај се вклопува во пошироката шема на клиентелизам и непотизам што го одбележа мандатот на Филипче. Таа негова пракса на фаворизирање на фирми преку милионски тендери доведе до колапс, а институциите станаа банкомати за него и неговиот избран круг.
Наместо да се посвети на важните проблеми, преку мрежа на корпуција Филипче го крахираше здравството, и заедно со останатите челници на СДСM ги пљачкаа државните ресурси, и ги оставија граѓаните да чекаат со години за најосновни услуги. Оваа мрежа на интереси, замотана во институционална тишина, претставува најсилен удар врз народот.
Под маската на „технократ“, Филипче во суштина беше играч на банда која си поддаваше тендери користејќи го пинг-понг ефектот. Овие тендери беа само мал дел од системот на СДСM, каде партиските лојалности доаѓаа пред добробитот на граѓаните.
Дали сега кога Филипче е во опозиција, одлучи да се појави како загрижен играч за проблемите во здравството? Граѓаните добро знаат кој го донесе здравствениот систем на колена и дека тоа е директна последица на неговото неспособно и корумпирано управување. Дали тој самиот се нуди како решение за политиките кои тој ги креираше и до каде оди оваа негова хипокризија?“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.