НАМЕСТО ДА СЕ БОРИ ЗА РАБОТНИЦИТЕ, ТРЕНДАФИЛОВ СЕ ПРЕСМЕТУВА СО ВЛАДАТА Тој и неколку судии и обвинители се последниот штит на коалицијата на Левица, ДУИ и на СДСМ
Ние како Влада имаме принципиелен став и ќе се држиме до нашите принципи, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов наместо да биде вистински борец за правата на работниците, се пресметува со него и со Владата.
– Оваа Влада е можеби единствената Влада во историјата на независна демократска Македонија која што не доби 100 дена. Од прв ден бевме нападнати. Од втор ден бевме нападнати. Перјаница на целиот тој процес беше лицето кое што го споменавте, кој што ја злоупотребува институцијата. И знам дека сигурно сите не се истомисленици во раководството. Сигурно знам. За жал, наместо вистински борец за правата на работниците, тој отпочна да се пресметува со мене и со Владата – рече премиерот на новинарско прашање при денешната посета на Општина Студеничани.
Како што нагласи Мицкоски, денеска последниот штит на поранешната владина коалиција, а денешна опозициска коалиција на Левица, ДУИ и на СДСМ се неколку судии, обвинители и Трендафилов.
– Тоа е последниот браник на некои минати времиња и на денешната опозициска коалиција. Ние како Влада имаме принципиелен став и ќе се држиме до нашите принципи – рече премиерот Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче околу обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека ССМ одработува за опозициската партија рече дека нема никаква комуникација со претставници на Сојузот на синдикатите, а претседателот на ССМ го сретнал само еднаш пред неколку месеци во Собранието.
– Сметам дека да се стави партиско бележје на една таква активност е недозволиво и недемократски поради тоа што синдикатот е репрезент на работниците, на нивните реални и објективни барања и тоа му е едноставно работа – рече тој.