НАМЕСТО ДА ПЛАЌА ЗА СЕКС, Ѝ СЕ ЗАКАНУВАЛ Кумановец во Задар се гони за силување сексуална работничка од Венецуела
Осомничениот е во притвор додека трае постапката, пишуваат хрватски медиуми.
Хрватското обвинителство во Шибеник покрена обвинителен предлог против 28-годишен маж од Куманово, кој се сомничи дека извршил низа тешки кривични дејствија над жена од Венецуела што престојувала во Задар и се занимавала со сексуална работа. Осомничениот е во притвор додека трае постапката, пишуваат хрватски медиуми.
Паралелно со тоа, обвинителството покрена постапка и против 34-годишен жител на Задар, за кој тврдат дека учествувал во грабеж поврзан со истиот случај. За него се бара изрекување мерка присилно лекување, бидејќи според вештачење, делото го сторил во состојба на непресметливост.
Според обвинителниот акт, во периодот од мај до јуни 2025 година, кумановецот првпат стапил во контакт со Венецуелката и ѝ платил за сексуален однос. Подоцна, како што се тврди, повеќе пати се појавувал во становите што таа ги изнајмувала во Задар, инсистирајќи да продолжат со интимни средби.
Кога таа одбила и му ставила до знаење дека не сака да продолжи, тој ѝ се заканил дека ќе повика луѓе што би ѝ наштетиле и дека ќе ја пријави во полиција поради нејзината работа, што кај неа предизвикало страв. Под влијание на тие закани, според обвинителството, осомничениот уште два пати имал сексуален однос со неа, без нејзина согласност.