НАМЕСТО ДА ОБЈАСНИ ЗОШТО БИЛ КАЈ ЗАЕВ, ФИЛИПЧЕ ЗБОРУВАШЕ ДЕКА ГО СЛЕДЕЛЕ Петрушевски има 3 прашања за лидерот на СДСМ
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски вели дека лидерот на СДСМ во интервјуто не објаснил зошто заминал во Грција на, како што вели, консултации со менторот Зоран Заев. Пратеникот прашува дали со тие одлуки се отвори простор за нелегално производство на канабис и кој навистина заработил од спорниот бизнис.
Наместо да објасни зошто по скандалот со запленетата марихуана заминал во Грција на „консултации” кај неговиот ментор Заев, лидерот на СДСМ Венко Филипче реши да глуми жртва и да пласира приказни дека некакви служби го следеле, прашувајќи од каде сум знаел за неговите движења, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
Коментирајќи го интервјуто на Филипче на Канал5 Петрушевски вели дека лидерот на СДСМ бил видно нервозен, конфузен и без одговор на суштинските прашања.
„Да бидам јасен, нема потреба од никакви служби. Филипче е доволно препознатлив јавен функционер за граѓаните сами да информираат каде и со кого е виден. Но да зборуваме за суштината. Филипче и неговиот ментор Заев креираа систем што овозможи хаос во регулацијата на производството на канабис.
Затоа Филипче наместо да глуми жртва, нека одговори:
– Зошто како министер за здравство, заедно со Заев, овозможиле измена на правилник во колизија со закон и отворија простор за нелегално производство на канабис?
– Колку тој лично, а колку неговиот ментор Заев профитираа од тој бизнис?
– И зошто секогаш кога ќе се отвори афера за него, првата реакција му е паника и обвинување на други, а не одговорност и отчет?“, пишува Петрушевски на Фејсбук.