НАМЕСТО ДА ГИ ПРОВЕРУВА ПП АПАРАТИТЕ, ФИРМАТА САМО ГИ МЕНУВАЛА КАРТОНЧИЊАТА Општина Карпош ги опреми школите и градинките со нови апарати

Кинеската амбасада донираше 98 противпожарни апарати за градинките и за училиштата во Карпош.

700

Општина Карпош набави нови противпожарни апарати за основните училишта и за градинките на својата територија за што издвои 1.440.000 денари, или околу 55.000 евра.

– Шест месеци пред трагедијата во Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување ја алармираше нашата институција дека фирмата којашто ги одржува противпожарните апарати во Карпош, односно во училиштата и во градинките, практично прави груба злоупотреба со тоа што истите противпожарни апарати не ги проверува туку ги зема и ги враќа назад, при што само ги менува контролните картончиња на уредите. Дирекцијата нѐ потсети дека законска обврска е да немаме противпожарен апарат во објектите, којшто е постар од пет години. Кога направивме комплетна анализа, за жал констатиравме дека овде имаме противпожарни апарати од 1955 година – рече градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој денеска го посети ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“.






Тој изрази голема благодарност до Кинеската амбасада, која донираше 98 противпожарни апарати за градинките и за училиштата во Карпош.

– Со ова го заокружуваме целиот систем од околу 550 противпожарни апарати кои се распоредени во сите предучилишни и училишни установи. Издвоивме уште 1.700.000 денари за проверка и реконструкција на хидрантската мрежа во сите училишта и градинки, затоа што во некои од нив не е соодветна инсталацијата од цевководи, поточно не се постигнува стандардниот притисок од минимум 2,5 бари. Од тие причини летово ќе ги извршиме потребните реконструкции и некаде во септември, сите училишта и градинки ќе бидат комплетно опремени со соодветна опрема за заштита од пожар – додаде Јакимовски.

Поврзани содржини