НАМЕРНО ПАЛЕЛЕ ОТПАД ВО ПРИЛЕП Полицијата ги фати на дело и ги приведе
Полицијата уапси тројца осомничени откако намерно предизвикале пожар, а против нив ќе следува кривична пријава.
Тројца мажи, на возраст од 23, 38 и 56 години, беа лишени од слобода од страна на прилепската полиција под сомнение дека намерно предизвикале пожар на дива депонија во населбата Тризла. Настанот се случил на 24 септември, а пожарот бил локализиран од екипи на Територијалната противпожарна единица – Прилеп.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека на 25.09.2025 во 10:30 часот, полициските службеници од ОВР Прилеп ги уапсиле Ф.М. (38) од Битола, М.С. (56) и А.Н. (23), двајцата од Прилеп.
„Лицата се сомничат за кривичното дело предизвикување општа опасност по член 288 од Кривичниот законик. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, велат од МВР.
Пожарот, кој зафати дел од дивата депонија во Тризла, предизвика вознемиреност кај жителите на населбата, но брзата интервенција на пожарникарите спречи негово ширење кон куќите и околните ниви.
„Екипата интервенираше веднаш по дојавата и успеавме да го локализираме огнот пред да зафати поширока површина. Потсетуваме дека палењето на отпад и диви депонии е исклучително опасно и претставува ризик за животот и здравјето на граѓаните“, соопштија од Територијалната противпожарна единица – Прилеп.