📽️ „НАМЕРНО ОСТАВААТ СМЕТ, ОВА Е ВРВ НА ЦРНАТА КАМПАЊА“ Герасимовски повика на голема акција за чистење на Кале
По расчистувањето на депониите во Крњево и во Градскиот парк, продолжуваме со чистење на просторот кај полигонот на Кале. Несовесни поединци таму секојдневно фрлаат ѓубре и кабаст отпад, создавајќи дива депонија која претставува ризик за околината и за здравјето на граѓаните, изјави градоначалникот на Општина Центар и повика граѓаните да се приклучат на акцијата за чистење на депонијата кај полигонот на Кале, која ќе се спроведе утре (понеделник) со почеток во 13 часот.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, преку лајв видео информира дека на само една недела пред изборите одредени партиски структури спроведуваат црна кампања со намерно оставање на смет покрај празни контејнери, со цел да се прикаже лажна слика дека општината не работи и дека општинските служби не ја одржуваат хигиената.
– Ова е врв на црната кампања. Намерно се остава отпадот надвор, покрај празните контејнери, за да се создаде впечаток дека општината не чисти. Но, нашите хигиеничари се на терен, и денес, и во недела, сите изминати четири години за да не дозволиме оваа црна кампања да им пројде – истакнува Герасимовски.
Тој додаде дека општинските служби сите овие изминати години покажале континуирана посветеност кон хигиената и уредноста на Центар, и дека ваквите обиди за дискредитација нема да ја нарушат довербата на граѓаните.
Исто така, Герасимовски упати јавен повик до граѓаните да се приклучат на акцијата за чистење на депонијата кај полигонот на Кале, која ќе се спроведе утре (понеделник) со почеток во 13 часот.
– По расчистувањето на депониите во Крњево и во Градскиот парк, продолжуваме со чистење на просторот кај полигонот на Кале. Несовесни поединци таму секојдневно фрлаат ѓубре и кабаст отпад, создавајќи дива депонија која претставува ризик за околината и за здравјето на граѓаните. Не смееме да дозволиме јавните површини да се претвораат во сметишта. Ги повикувам сите граѓани да ни се придружат и заедно да го исчистиме Кале – рече Герасимовски.
Во акцијата ќе учествува целосната механизација на ПОЦ и екипите на Општина Центар.