НАМАЛЕНИ СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА ВО ОУ „КИРО ГЛИГОРОВ“ Фотоволтаици ќе добијат и „Гоце Делчев“ и „Коле Неделковски“

Фотонапонската централа на ООУ „Киро Глигоров“ веќе носи пониски сметки, а за 2026 година се подготвуваат нови проекти за уште две училишта и јавни објекти, велат од Општина Центар.

195

Општина Центар веќе ги чувствува првите конкретни придобивки од вложувањата во обновливи извори на енергија. Фотонапонската централа поставена на основното училиште „Киро Глигоров“ е ставена во функција и веќе резултира со пониски сметки за електрична енергија, информираат од општината.

Станува збор за современа фотонапонска централа со инсталирана моќност од 396 киловати, која произведува електрична енергија за потребите на училиштето. Проектот бил високо оценет и од европски стручни лица, кои го посочиле како пример за квалитетна и технички прецизна изведба.






Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави дека ваквите инвестиции продолжуваат и во наредниот период.

– Централата на „Киро Глигоров“ веќе покажува резултати, а за 2026 година имаме подготвени проекти за поставување фотоволтаици на училиштата „Гоце Делчев“ и „Коле Неделковски“. Целта ни е училиштата да станат енергетски поефикасни и да ги намалиме трошоците за струја – изјави Герасимовски.

Тој додаде дека општинското претпријатие „Енергија–Центар“ веќе докажало дека може успешно да реализира вакви проекти, а во наредната година се планира и кадровско екипирање за негово целосно самостојно работење.

Покрај училиштата, подготвени се и проекти за поставување фотоволтаични панели на катната гаража кај „Судска палата“, како и за училиштето „Гоце Делчев“. За ООУ „11 Октомври“ проектот е завршен, но неговата реализација зависи од решавање на имотно-правните прашања.

Од Општина Центар информираат дека во текот на оваа година е завршена и постапката за јавни набавки за основни проекти за сите преостанати основни училишта и катни гаражи, што отвора пат за нивна постепена реализација.

Фотоволтаичните централи на детските градинки ќе се поставуваат поединечно, во зависност од обезбедените грантови, со што општината планира дополнително да ја зголеми употребата на чиста и одржлива енергија.

Поврзани содржини