НАМАЛЕН РЕЈТИНГОТ НА ТРАМП ПО НАСТАНИТЕ ВО МИНЕАПОЛИС Американците незадоволни од акциите на имиграциската полиција
Според истражувањето, стапката на одобрување на политиките на Трамп меѓу Американците изнесува 38 проценти, што е најниско ниво од јануари 2025 година, кога повторно ја презеде функцијата. Во средината на јануари неговиот рејтинг беше 41 процент.
По настаните во Минеаполис, рејтингот на американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво од неговото враќање во Белата куќа, покажува најновата анкета на Ројтерс и Ипсос.
Според истражувањето, стапката на одобрување на политиките на Трамп меѓу Американците изнесува 38 проценти, што е најниско ниво од јануари 2025 година, кога повторно ја презеде функцијата. Во средината на јануари неговиот рејтинг беше 41 процент.
Падот на поддршката главно се должи на незадоволството од имиграциската политика на неговата администрација. Анкетата покажува дека 39 отсто од испитаниците ја одобруваат таа политика, додека 53 отсто не ја одобруваат. Претходно овој месец односот беше 41 наспроти 50 отсто.
Околу 58 проценти од анкетираните сметаат дека агентите на Американската служба за имиграција и царина (ИЦЕ) отишле предалеку во заострувањето на мерките, 12 проценти оценуваат дека тие не биле доволно строги, а 26 проценти ги сметаат за прилично соодветни.
На почетокот на јануари, за време на акција на ИЦЕ во Минеаполис, агент на службата ја уби 37-годишната Американка Рене Никол Гуд, што предизвика масовни протести против дејствувањето на федералните власти. Претставници на администрацијата на Трамп тврдеа дека агентот дејствувал во самоодбрана, бидејќи таа сакала да го прегази, а градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, ја нарече таа верзија „целосна глупост“ и побара агентите на ИЦЕ да го напуштат градот.
На 24 јануари, иниграциски агенти во Минеаполис застрелаа и убија 37-годишен маж, медицинскиот работник Алекс Џефри Прети. Министерството за внатрешна безбедност на САД соопшти дека се сомнева оти тој бил вооружен, но, според медиумите, видеоснимки покажуваат дека Прети во раката држи мобилен телефон, а не пиштол. На снимките се гледа како тој им се приближува на агентите, кои потоа го соборуваат на земја и пукаат во него десетина пати. Официјалнатата федерална верзија е дека Прети им се заканувал на агентите со пиштол. Локалната полиција соопшти дека Прети легално поседувал оружје.
Трамп првично реагираше остро, нарекувајќи го Прети „стрелец“ и објавувајќи фотографија од неговиот лиценциран пиштол. Подоцна, во изјава за „Волстрит џурнал“, тонот му беше поумерен и наведе дека „не му се допаѓаат никакви престрелки“.
И портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, на прес-конференција ја нарече смртта на Прети „трагедија“, со што се оддалечи од претходните изјави на советникот на Трамп, Стивен Милер, кој го опиша Прети како „потенцијален убиец“.
По второто убиство за еден месец, администрацијата на Трамп и самиот претседател ја променија реториката за дејствувањето на ИЦЕ, објави „Волстрит џурнал“. Трамп го испрати во Минесота Том Хоман, функционерот задолжен за граничната безбедност и депортациит. Хоман се заложи за „понасочен пристап“, насочен кон имигранти со криминално досие или со конечни налози за депортација. Во меѓувреме, командантот на граничната патрола, Грегори Бовино, кој важеше за поддржувач на построг пристап, ја напушти сојузната држава.
Истовремено, Трамп сигнализираше подготвеност за договор, повикувајќи ги гувернерот на Минесота, Тим Волц, и градоначалникот Фреј на поблиска соработка, вклучително и помош при приведувањето на илегални имигранти. Според извори во администрацијата, цитирани од „Волстрит џурнал“, Трамп е подготвен да повлече дел од агентите на ИЦЕ од Минесота доколку локалните власти ги прифатат неговите услови.
Промената во ставот на Трамп дојде по критиките од републиканските поддржувачи, кои изразија загриженост дека тој ја губи јавната поддршка во пресрет на меѓуизборите.
Белата куќа, во меѓувреме, ја префрли вината за насилството врз локалните власти под контрола на Демократската партија, кои одбиваат соработка со федералните имиграциски служби. Администрацијата предупреди дека насилството нема да престане сè додека демократските гувернери и градоначалници не им помогнат на федералните органи во апсењето, задржувањето и депортирањето на имигранти без документи.
Растечкото незадоволство се чувствува и во Вашингтон, каде сè повеќе републиканци бараат подлабока истрага за тактиките на федералните имиграциски власти во Минесота.
Демократите, пак, најавија дека ќе се обидат да го блокираат понатамошното финансирање на Министерството за внатрешна безбедност, освен ако во најавениот законски предлог не бидат вклучени реформи за ограничување на овластувањата на федералните агенти при депортацијата на мигранти.