НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ПРЕГЛЕДИ ВО ГОСТИВАР, ВЧЕРА САМО 36 Потврдени 13 случаи на западнонилска треска

Од почетокот на следењето, во двете здравствени установи се извршени вкупно 4.483 први прегледи, информира Министерството за здравство.

0

Министерството за здравство информира дека епидемиолошката состојба во Гостивар бележи значително подобрување и континуиран пад на бројот на пациенти кои побарале медицинска помош.

„Во текот на вчерашниот ден, во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени вкупно 36 прегледи, што е за 37 помалку во споредба со претходниот ден, кога биле регистрирани 73 прегледи. Во моментов, во болницата се хоспитализирани четири пациенти.






Од почетокот на следењето, во двете здравствени установи се извршени вкупно 4.483 први прегледи. До надлежните институции се доставени 1.014 формални пријави за заразна болест, а обработени се 706 нови епидемиолошки анкети, со што е постигната покриеност од 70 проценти.

Надлежните здравствени институции продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор, прибирање и обработка на податоците, анкетирање на пациентите и координирано спроведување на сите неопходни мерки за заштита на населението. Намалувањето на бројот на прегледи е охрабрувачки показател, но состојбата и натаму внимателно се следи“ – се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Истовремено, МЗ информира дека, заклучно со 30 јули 2026 година, во земјата се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска.

„На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 10 пациенти со потврдена инфекција, од кои тројца се во критична здравствена состојба.

Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на стручната проценка на ризик, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје–Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци. Вонредниот третман беше спроведен во текот на ноќта како дополнителна превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата“ – се вели во соопштението.

Поврзани содржини