НАЛОГОТ ЗА АПСЕЊЕ НА ПУТИН МОЖЕ ДА ГО СИМНЕ САМО СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ООН Меѓународниот кривичен суд не ја повлекува наредбата дури и ако се склучи мировен договор

Путин и Марија Лвова-Белова, руска комесарка за правата на детето, се обвинети за незаконска депортација на стотици украински деца.

1

Налозите за апсење што ги издаде Меѓународниот кривичен суд (МКС) против рускиот претседател Владимир Путин и уште петмина руски државјани ќе останат во сила, дури и доколку за време на мировните разговори предводени од САД биде договорена општа амнестија, соопштија обвинители од Судот.

Заменик-обвинителите Маме Мандиај Нијанг од Сенегал и Назхат Шахим Хан од Фиџи, кои го водат тековното работење додека главниот обвинител Карим Ахмад Хан е на одмор, истакнаа дека укинување на веќе издадени судски налози е можно само со резолуција на Советот за безбедност на ООН.






МКС ја издаде наредбата за апсење на Путин и на уште пет лица за нивната улога во злосторства извршени во Украина. Путин и Марија Лвова-Белова, руска комесарка за правата на детето, се обвинети за незаконска депортација на стотици украински деца.

Русија не ја признава надлежноста на Судот и постојано ги отфрла обвинувањата.

Меѓу останатите обвинети се поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото поради напади врз цивили.

– Доколку мировниот договор доведе Советот за безбедност да побара одложување на истрагата, тоа е политичка одлука на Советот. Но тоа не ја запира правдата, изјави обвинителката Хан, повикувајќи се на Римскиот статут.

Поврзани содржини