НАКОРО НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ВО ТЕТОВО „Cavo Otomotiv“ планира изградба на фабрика со 400 работници
Мултинационалната корпорација „Cavo Otomotiv“ работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили.
Турската компанија „Cavo Otomotiv“ планира да отвори фабрика во ТИРЗ Тетово која би требало да отвори повеќе од 400 нови работни места. За потенцијалната инвстиција денеска разговараа директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Гоце Димовски и главниот менаџер на турската компанија Кемал Аманоел.
Како што соопштија од Дирекцијата, од страна на компанијата „Cavo Otomotiv“ е изразено задоволство од досегашната комуникација и соработката со институциите, како и интерес за навремена реализација на инвестицијата.
Аманоел истакна дека компанијата ја препознава земјава како стабилна и конкурентна дестинација за долгорочни инвестиции, со квалификувана работна сила и поволна геостратешка позиција.
Димовски го посочи значењето на ваквите инвестициски проекти за националната економија.
„По започнување на иницијалните разговори за потенцијална инвестиција во март минатата година, проектот за оваа инвестиција е во напредна фаза, при што интензивно се работи на финализирање на сите предуслови за негова реализација“, наведуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.
Мултинационалната корпорација „Cavo Otomotiv“ работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили. Освен во Турција, компанијата е присутна и во Канада, Германија и Словачка, а потенцијалната инвестиција во рамки на ТИРЗ ќе има клучно значење како за Македонија, така и за Европа.