НАХРАНИ ГО ПРАСЕТО, НЕШТО МОРА ДА СЕ СЛУЧИ! Раскази за современиот мал човек
„Ако си тажен или имаш проблеми, само вклучи го телевизорот. Телевизијата за нас, сиромашните, е најдобар лек“, вели Арис додека истовремено госпоѓа Ели се труди да не заборави да го нахрани прасето-касичка во кое ѝ е набабрена иднината.
Надежта последна умира дури и ако тонете во крајна беда, оставени сами на себе и во безизлез. Тоа ни го порачува авторот на збирката раскази „Нешто ќе се случи, ќе видиш“ (2010) додека раскажува за луѓето кои се соочуваат со егзистенцијална турбуленција и од нивната бедна нормалност преминуваат кон безделништво и кон бездомништво.
Раскажувајќи за проблемите со кои се соочува современиот мал човек грчкиот писател Христос Иконому (1970) ни ги долувува животите на луѓето кои секој месец врзуваат крај со крај, кои се потонати во долгови, кои се соочуваат со беспарица и безработица, отпуштени од работа, затрупани со кредити. За жал, овие лица се толку обземени од нивната пропаст што немаат сила да се спротистават, тие се препуштаат на нивната трагичност и го оставаат читателот со горчина во душата.
Зошто не се борат? Зарем не можат ништо да сторат за себе? Зошто ги совладува меланхолијата? Зарем е сѐ толку блиску до целосна пропаст? Ако нема пари, ниту работа, вреди ли животот? Колку за нашите проблеми се виновни другите а колку сме самите ние? Дали излезот треба да почне да се бара тогаш кога долговите ќе ни стасаат до гуша или треба нешто претходно да се преземе? Дали ќе го добиеме тоа што го заслужуваме ако не се избориме за него?
„…толку сум неважен што не можам ниту да се спротивставам, не ме мачат ниту парите ниту одмаздата. Мене ме мачи неправдата, не знам кој е виновен за сето тоа, а да знаев сѐ ќе беше поинаку…“, вели келнерот Такис во расказот „Лажни мустаќи“, кој раскажува приказна за седум-осумгодишно девојче, чии мајка и баба умреле од глад, а кое кога чекало ред пред јавната кујна си нацртало мустаќи од јаглен за да личи на момче зашто сакало да ја измами смртта. Онаа смрт која доаѓа од гладот.
Но, смртта која доаѓа поради губењето на тлото под нозете, поради изгубениот каков-таков живот, поради одземањето на целиот нечиј свет дел по дел, е таа која нѐ убива полека, упорно и секојдневно, прво погазувајќи го кревкото човечко достоинство, потоа втурнувајќи нѐ во безидејноста, за да нѐ докрајчи со сознанието за излишноста на нашето постоење.
Сите 16 раскази на Иконому во книгата (во издание на „Или-или“, во превод од грчки јазик на Петар Андоновски), за која има добиено престижна грчка државна награда за најдобра збирка раскази и со која постигнал голем меѓународен успех, се инспирирани од животот на луѓето кои се ‘рват со гладот и со долговите, со неправдата, со економската криза во современото грчко општество, со властите кои не можат да овозможат живот достоинствен дури и за еден обичен пакувач на весници во кеси. Поради таа битка во која знаат дека се поразени, за жал, овие ликови засекогаш го изгубиле и осетот за љубовта, за нежноста, за малите убави нешта. За нив остануваат само шарените соништа што им ги пласира телевизијата и погледот низ прозорецот.
„Ако си тажен или имаш проблеми, само вклучи го телевизорот. Телевизијата за нас, сиромашните, е најдобар лек“, вели Арис додека истовремено госпоѓа Ели се труди да не заборави да го нахрани прасето-касичка во кое ѝ е набабрена иднината.
Со јасен, на моменти и поетичен јазик, расказите на Иконому се лесно читливи, разбирливи и длабоко трогателни. Тие зборуваат на јазикот што го говорат сите оние кои барем еднаш ѝ погледнале на немаштијата во очи.