НАГРАДЕН ПРЕВОДОТ НА РОМАНОТ „ПИРЕЈ“ НА ГЕРМАНСКИ Бенјамин Лангер ја доби наградата „Драги“
Бенјамин Лангер, роден 1976 година во Ерланген, Германија, е длабок познавач на македонскиот јазик и литература. Студирал германистика и историја на уметност во Бамберг и во Будимпешта, а од 2005 до 2009 предавал на Катедрата за германски јазик и литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Годинешнaта интернационална награда „Драги“ ја доби Бенјамин Лангер, универзитетски професор и преведувач, за преводот на безвременскиот роман „Пиреј“ од Петре М. Андреевски.
Годинава се одбележуваат 90 години од раѓањето на авторот, како и 44 години од објавувањето на неговиот најпознат роман, кој во бравурозно изработен превод на германски јазик го објави престижната издавачка куќа „Гуголц“ од Берлин. Романот предизвика голема реакција на книжевен план меѓу германската публика. Во една од рецензиите кон делото, авторот Мирко Шваниц забележа: „Овој роман истовремено е временска машина и жив музеј. Петре М. Андреевски го води читателот во првата половина на XX век раскажувајќи огромна семејна епопеја.(…) Јазикот на Андреевски е цврсто вкоренет во руралниот дијалект на родното село, со што романот си обезбеди место во светската литература. Преведувачот Бенјамин Лангер успеа да ја преведе на германски идиосинкратичната и строга убавина на овој јазик толку префинето што веќе може да се смета за кандидат за Лајпцишката книжевна награда.“
Бенјамин Лангер, роден 1976 година во Ерланген, Германија, е длабок познавач на македонскиот јазик и литература. Студирал германистика и историја на уметност во Бамберг и во Будимпешта, а од 2005 до 2009 предавал на Катедрата за германски јазик и литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Преку преведувачката работа ја приближил македонската книжевност до германската читателска публика, вбројувајќи ги делата на: Гоце Смилевски, Бранко Цветкоски, Дејан Трајкоски, Румена Бужаровска, Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски и др.
Во 2022 германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер го поканил како посебен гостин на делегацијата која го придружувала на неговото патување во Македонија и во Албанија. Во својот говор во македонското собрание, Штајнмајер го цитира токму преводот на „Пиреј“. Во соработка со Германската амбасада во Скопје Бенјамин Лангер беше професионален учесник на втората фелоушип програма „Објавувајќи ја Европа“ (2nd Publishing Europe Fellowship) во Скопје.
Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè –нивото на преводот, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог, итн.
Со оваа награда втора година по ред се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“, како и со паричен дел кој ќе изнесува 30.000 денари.
За наградата првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.