НАГЛОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛЕЦОТ МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ПРИТИСОК ВРЗ МАЛИТЕ ФИРМИ Ќе се усогласува законски и одржливо

Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, инфлацијата покажува стабилизација, а законски утврденото усогласување во март останува единствениот одржлив и предвидлив механизам за раст на минималната плата.

700

Усогласувањето на ставовите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите останува основен принцип во креирањето на економските и социјалните политики, соопшти Министерството за економија и труд, по денешната петта седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на кој се разговараше за клучни прашања поврзани со пазарот на труд, животниот стандард и социјалниот дијалог.

„Ставот на Министерството во однос на минималната плата е јасен и заснован на официјални податоци. Инфлацијата покажува стабилизација, а законски утврденото усогласување во март останува единствениот одржлив и предвидлив механизам за раст на минималната плата“, се пренесува во соопштението изјавата на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.






Тој нагласи дека висината на минималната плата се пресметува преку транспарентна формула – 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот, со законска гаранција дека таа не може да биде пониска од 57 проценти од просечната нето плата, како модел договорен во рамки на ЕСС и усогласен со европските практики.

Министерот Дурмиши предупреди дека нагло и непланирано зголемување на минималната плата, без поврзаност со продуктивноста и реалните економски капацитети, може да создаде притисок врз малите и средни претпријатија. Тој додаде дека целта на Владата е постепен, одржлив и предвидлив раст.

Дурмиши на седницата го презентираше напредокот во подготовката на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2026 година, со вкупен буџет од 2,39 милијарди денари. Фокусот, објасни, е ставен на младите, на обуките за вештини што ги бара пазарот на труд и на вклучувањето на ранливите категории, особено лицата со ниско или без формално образование.

Социјалниот дијалог продолжува, а Економско-социјалниот совет останува клучната платформа за усогласување на ставовите во интерес на граѓаните и стабилниот економски развој, се вели во соопштението на Министерството за ееконмија и труд.

НЕМА ДОГОВОР ЗА ВИСИНАТА НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА Газдите велат има време за договор, синдикатите најавуваат протести по Нова година

Поврзани содржини