Нафтоводот, железницата, парафискални давачки, ЕЛ-1, царински ставки, акцизи и „други дубари“ на штета на македонската економија
Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.
Затоа и оценив дека е добро да испратам допис до сите членови на органите и телата на Стопанската комора на Македонија и од нив да побарам идеи и предлози кои ќе бидат подложени на сериозна анализа и потоа ќе влезат во официјална расправа на органите и телата на Комората и Владата.
Изненадување и за мене е дека има иницијативи за поголеми идеи како:
– Активирање на нафтоводот Солун – Скопје (со должина од 213,5 километри беше стопиран во 2013 година) што како многу важна инвестиција веќе го имавме и заборавено.
Безуспешно повеќепати беше најавувано неговото рестартирање, иако и цевководот со носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно е исчистен и е целосно подготвен за употреба.
Прашањето за либерализација на железничкиот сообраќај, чија денешна неефикасност како монополска организација само штети на економијата, а не придонесува за зголемување на конкурентноста на нашите стоки.
Влезот на приватни оператори во железницата е стопиран во 2012 година со измена на Законот за железнички систем сѐ до влезот на РСМ во ЕУ, и покрај фактот дека приватни оператори има во целото наше опкружување (Грција, Бугарија, Србија, Косово). Неатрактивноста на железничкиот превоз е поголема поради предолгото време на возење, слаба искористеност на возните средства, премногу посредници при работењето што влијае на цената на чинење. Само за пример, превоз на еден контејнер со железница чини двојно повеќе отколку истиот да се превезе со камион. Минатата година вкупниот товарен превоз со железница (1,8 милиони тони) учествува со 2,6% од реализираниот товарен патен превоз (69 милиони тони).
– Прашањето за парафискалните давачки, кои секоја година за 400 милиони евра ја подјадуваат македонската економија (за што Стопанската комора на Македонија има прецизна анализа од пред 3 години).
Даночниот систем во Македонија оставил неограничен простор со разни секторски закони, подзаконски акти, локални одлуки, одлуки на управните одбори на агенциите или одборите на јавните претпријатија да се воведуваат разни давачки кои тешко се контролираат.
– Предлогот за зголемување на акцизата кај нафтените деривати;
– да почне активна кампања за купување на домашни производи;
– прецизирање на обврските на државата кон компаниите кои имаат добиено статус на посебно значење за државата.
Сето претходно кажано, јасно зборува дека, прво, секој бизнисмен веќе има интерес да помогне во изнаоѓањето решение за излез од состојбата и второ, кажува дека конечно почнуваме отворено да дебатираме и за крупни, но и на некој начин „забранети прашања“, што мене посебно ми се допаѓа.
И Стопанската комора на Македонија како најстара и најзначајна бизнис заедница е должна тој процес да го поттикнува, да го елаборира и да учествува во неговото имплементирање. Сигурно имаше и стотици други предлози, кои веќе се кај вицепремиерката Царовска, како:
– скратување на законските рокови за поврат на ДДВ (од 30 на 15 дена) и доследно почитување на тие рокови (т.е. навремена исплата од државата);
– привремено, во период од три месеци (април, мај и јуни 2020 година) да се укинат царините за сите репроматеријали и суровини од увоз и инвестициска опрема, неопходни за производството, за големите и средни производствени претпријатија;
– да се исплатат обврските на државата и локалната самоуправа кон приватните претпријатија и многу други.
П.С. Некој ќе рече дека не е време за отворање на овие прашања, но јас ќе речам токму сега е време за вака крупни прашања, затоа што сите се убедивме дека кризата ќе потрае, а нашата битка за поголем профит и за опстанок ќе остане константна.