НАФТАТА СЕ ДОСТАВУВА ДО БАЗИТЕ НА ЈСП Од утре се нормализира јавниот превоз во Скопје
Мартин Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека Владата со активирањето на резервите успешно го решава краткорочниот проблем со автобускиот превоз во следните седум дена. За тоа време, градот треба да спроведе јавна набавка за гориво.
Нафтата до базите во Автокоманда и Ѓорче Петров моментално се доставува, изјави советникот од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски пред денешната вонредна седница во Град Скопје.
– Нафтата од државните резерви се доставува до базите на ЈСП во Скопје и се очекува нормализација на автобускиот превоз од утре – изјави советникот.
Тој нагласи дека Владата со активирањето на резервите успешно го решава краткорочниот проблем со автобускиот превоз во следните седум дена. За тоа време, градот треба да спроведе јавна набавка за гориво.
– Сè што треба градот Скопје да направи во рок од тие седум дена е да направи постапка за јавна набавка за гориво до Бирото за јавни набавки. Секако Бирото тоа би го одобрило доколку е сè во ред за да нема проблем како што настана овие неколку денови – рече Стојановски.
Во однос на приватните превозници кои нудат 200 автобуси да се вклучат во сообраќајот доколку се зголеми цената за километар, советникот рече дека таква седница нема на дневен ред денеска и оти нивниот предлог мора да се разгледа за да се видат кои се реперкусиите и каков буџет е потребен. За тоа, додаде тој, сепак треба мнозинство од сите советници.
За тоа дали ќе се надмине кризата со свтобускиот превоз во Скопје, вели дека тоа сепак зависи од менаџирањето на Градот Скопје и на ЈСП за понатамошните денови откако ќе поминат овие седум дена.
Стојановски нагласи дека тие како советничка група ги изгласале сите програми досега за градот Скопје, вклучително и за ЈСП Скопје.
– Доделивме само оваа година 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за се што е позитивно за ЈСП Скопје, но и за останатите претпријатија – рече тој.
Во врска со тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за набавка на новите еко автобуси, Стојановски потенциреаше дека советничката група не гласа неколку пати за овој предлог затоа што немаат информација од кого би се набавиле, колку би чинела сумата, колку кој би ги платил тие автобуси.
Советниците на СДСМ излегоа со свое барање количината на нафта да се прецизира на 2,5 милиони литри. Пратеникот Гордан Шутаров побара поддршка за оваа ставка велејќи дека износот ќе биде потребен за ЈСП да ја извршува нормално функцијата до крајот на годината.