НАФТАТА ПОЛЕТА НАД 90 ДОЛАРИ Конфликтот на Блискиот Исток ги потресе светските пазари

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток ја турна цената на нафтата над 90 долари за барел, додека земјите од Персискиот Залив предупредуваат дека производството може да биде запрено ако танкерите не можат да поминуваат низ Ормутскиот теснец.

432

Цените на нафтата денеска повторно нагло пораснаа, бидејќи ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток сериозно ги нарушува глобалните енергетски текови.

Цената на суровата нафта Брент скокна за повеќе од седум проценти и достигна околу 91 долар за барел, што е највисоко ниво од април 2024 година. Во исто време, американската сурова нафта WTI (West Texas Intermediate) порасна за повеќе од 10 проценти и се искачи на околу 89 долари за барел, објави „Trading Economics“.






Министерот за енергетика на Катар, Саад ал-Каби, предупреди дека извозниците од земјите од Персискиот Залив би можеле да го запрат производството во рок од неколку дена доколку танкерите не можат да поминуваат низ Ормутскиот теснец.

Теснецот претставува една од најважните енергетски рути во светот, преку која вообичаено се транспортираат околу 20 милиони барели нафта и нафтени производи дневно.

Во меѓувреме, тензиите остануваат високи откако иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека Иран во моментов не бара преговори.

Соединетите Американски Држави, пак, сигнализираа можни чекори за ублажување на притисокот на пазарот, вклучително и потенцијално ослободување на нафта од стратешките резерви. Во исто време, Вашингтон привремено ѝ дозволува на Индија да купи дел од руската сурова нафта што веќе е на море.

Саудиска Арабија, пак, ги зголеми цените на нафтата за азиските купувачи и почна да ги пренасочува пратките преку пристаништата на Црвеното Море за да го заобиколи Ормутскиот теснец.

Поврзани содржини