🎥 НАЕЗДА ОД ЧАРТЕР ЛЕТОВИ СО „ГЛАСАЧКИ ТУРИСТИ“ Полни авиони од Швајцарија и од Германија слетаа во Охрид и во Скопје

Капацитетот на авионите кои слетуваа на аеродромите во Скопје и во Охрид се движеше меѓу 110 и 180 седишта.

10,054

Најмалку 12 вонредни чартер летови беа реализирани викендов на аеродромите во Охрид и во Скопје, токму во очи на изборниот викенд, кога во земјата се одржуваше вториот круг од локалните избори.

Најголема фреквенција имаше на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, каде што во саботата, 1 ноември, покрај редовните линии, слетаа шест авиони. Два од нив беа од типот „Ербас А320“ со по 180 седишта од Базел, а четири авиони „Ембраер 190“ со капацитет од 110 до 134 седишта пристигнаа од Цирих.






Во недела наутро во Охрид беа реализирани уште два чартер лета, еден од Цирих и еден од Братислава.

На Меѓународниот аеродром во Скопје, пак, во саботата слетаа чартери авиони од Цирих, Базел и Дортмунд, додека во неделата беше реализиран и лет од Диселдорф. Капацитетот на авионите кои слетаа во главниот град се движеше меѓу 110 и 180 седишта.

Според видеата што се споделуваа на социјалните мрежи, патниците во голема мера беа иселеници по потекло од Струга и Кичево, две од општините каде што се гласаше во вториот круг.

Податоците за излезноста до 17 часот покажуваат дека во Кичево на гласање излегле 48,29% од гласачите, додека во Струга излезноста била 35,39%.

Поврзани содржини