„НАДВОР СМЕ, КОЈ САКА НЕКА ДОЈДЕ ДА РАЗГОВАРАМЕ“ Левица ја сели кампањата на улица

Во следните 20 дена од изборната кампања, Мециновиќ најави фокус на состојбата во Град Скопје и јавните претпријатија. Посочи дека постои план за нивна приватизација, а како пример ја даде депонијата Дрисла.

116

Забраната за политичко рекламирање нема да ја сфатиме како пресудна пречка во оваа кампања. Кампањата ја префрламе на улица, без бини и микрофони. Ние ќе бидеме од сабајле до навечер присутни на улиците каде што скопјани и секој поединачно ќе може да дојде до нас и да разговара, порача Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од Левица, на денешната прес конференција.

Во следните 20 дена од изборната кампања, Мециновиќ најави фокус на состојбата во Град Скопје и јавните претпријатија. Посочи дека постои план за нивна приватизација, а како пример ја даде депонијата Дрисла.






– Ако ни биде доверен мандатот во Советот на Град Скопје и на позицијата градоначалник, првото нешто што ќе го направиме е да се симнеме кај работниците. Со сите работници на јавните претпријатија ќе седнеме и ќе разговараме за условите во кои тие работат – рече Мециновиќ.

Според него, јавните претпријатија со години се запоставувани намерно, за да се оправда нивната приватизација.

– На 6 септември најавивме дека постои план за приватизација на Комунална хигиена и на Дрисла. Четири дена подоцна, премиерот Христијан Мицкоски, кој ја оркестрира и забраната за Левица, тоа го потврди – рече дека ќе има јавно-приватно партнерство за претпријатијата, вклучително и за ЈСП – додаде Мециновиќ и истакна дека  Дрисла е единственото јавно претпријатие кое генерира приходи за Град Скопје а неговата приватизација би значела директен удар врз јавниот интерес.

Дрисла треба да се унапреди, а не да се приватизира, додаде тој.

– Но, не можеме друго да очекуваме од партии чија единствена цел е приватизација на капацитетите на државата и на градот, партии кои во последните четири години го уништуваа и блокираа јавниот интерес на граѓаните на Скопје – нагласи Мециновиќ..

Во однос на забраната за политичко рекламирање Мециновиќ истакна дека ваквите мерки се сериозен удар врз демократијата и е само еден чекор кој наговестува авторитарен режим.

– Ние можеби сме навикнати на распаднат концепт на демократија, но европските партнери се вчудоневидени од ваквиот однос на власта – вели тој.

Според него ваквиот потег ќе биде нотиран и во извештаите на ОБСЕ и Европската комисија.

– Нашите пријатели од Европскиот парламент и од Австрија беа вчудоневидени од методите што ги користи овој режим. Вакви методи на континентот не се познати од седумдесеттите години. Вакви методи на репресија! И ова е само увод во тоа што понатаму може да се случи – порача Мециновиќ.

Поврзани содржини