🎥 НАДРЕАЛНА СНИМКА ОД ЛАВОВ Дрон падна покрај хигиеничарка, таа продолжи да мете

Вашата храброст денес ги импресионираше сите во Украина. Сакам да ви се заблагодарам за вашата служба на заедницата и за вашата работа, ѝ рече градоначалникот на Лавов на работничката Олха.

0

 

Руски дрон се урна и експлодираше во близина на споменикот на украинскиот националист Степан Бандера во Лавов во утринските часови на 15 јануари. Во тоа време, во близина имаше комунални работници, вклучувајќи ја и чистачката Олха, која веднаш по експлозијата продолжи со работа.






Кога беше објавена тревога за воздушен напад, 59-годишната Олха, која работи како хигиеничарка, не отиде во засолништето и беше во близина на местото на експлозијата. Веднаш по експлозијата на дронот, од кој делови паднаа до неа, таа продолжи да го чисти снегот.

– Стоев со колешката. Ја чистев автобуската станица. Не знаев дека нешто ќе долета. Потоа ни рекоа да трчаме и тоа прелета право над нашите глави. Имаше тапа, но многу гласна експлозија – рече Олха.

Таа додаде дека помислила дека екплодирала мина, но полицаец и рекол дека е дрон „шахид“.

Градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, ја повика Олха да провери како се чувствува, на што таа му одговорила дека е добро.

– Не знам дали да ви се заблагодарам или да ве искарам. Вашата храброст денес ги импресионираше сите во Украина. Сакам да ви се заблагодарам за вашата служба на заедницата и за вашата работа. Ќе ви се заблагодариме поединечно. Но, исто така сакам да нагласам дека кога има воздушен напад, ве молам бидете внимателни и останете безбедни. Разбирам дека работата мора да се заврши, но вашата безбедност е на прво место – ѝ рече Садови.

Видеото на кое се гледа Олха на местото на настанот брзо стана вирално, а Украинците ја пофалија нејзината смирена реакција на експлозијата.

„Ова е нивото на отпорност на стрес кон кое се стремам“, напиша еден корисник на социјалните мрежи.

Историчарот и новинар Вахтанг Кипијани напиша: „Нервниот систем на оваа Украинка, Олха од Лавов, треба да биде признаен како нематеријално културно наследство на УНЕСКО“.

Никој не беше убиен во нападот. Ударниот бран лесно повреди возач на трактор кој чистеше снег во близина.

Според претходните извештаи, оштетени се девет станбени згради, со скршени прозорци. Оштетени се и витражите на црквата „Свети Олга и Елисавета“.

Поврзани содржини