НАДОЈДЕНИ РЕКИ И РЕКОРДНИ ВРНЕЖИ Енергетскиот систем издржа без ризик од преливи
Енергетските капацитети стабилни, нема ризик од преливања и покрај најсилните дотеци во последните седум години, информираат од ЕСМ.
Охридско Езеро е на безбедна кота и далеку од максимумот, а под целосна контрола се и акумулациите Глобочица и Дебарско Езеро, информираат од АД ЕСМ по обилните врнежи кои ја зафатија земјава во изминатите четири дена.
Од компанијата уверуваат дека иако нивото на сите акумулации расте, нема никаква опасност од преливање.
– Во сите акумулации нивото на водата расте, но има доволно простор за прифаќање на силните дотеци од овој бран – појаснуваат од АД ЕСМ.
Порастот на водостоите е најизразен во југозападниот дел од државата. Охридско Езеро во последните три дена се качува неколку сантиметри дневно и вчера достигнало 693,33 метри надморска височина, два сантиметри над ноемврискиот просек.
Од ЕСМ потенцираат дека ова е далеку од максимално дозволената кота од 693,75 до 694 метри.
– Апелираме да се користат релевантни податоци. Нивото на езерото е на сосема безбедно ниво и не претставува никаква опасност за Охридско-струшкиот регион – наведуваат од компанијата.
Регистриран е интензивен страничен дотек во акумулацијата Глобочица од реките во струшкиот регион, но работењето на хидроелектраните е прилагодено на состојбата.
– Согласно воспоставениот режим на работа на хидроелектраните Глобочица и Шпилје, нема опасност од прелив на водите – уверуваат од ЕСМ.
Нивото на Дебарско Езеро утрово е 564,55 метри надморска височина, со раст од два метри во само неколку дена. Се бележи силен дотек од 128,5 м³/сек од Радика, дополнет со обилни врнежи од локалниот слив.
Според ЕСМ, и покрај продолжените врнежи, дел од надојдената вода ќе се преработи преку агрегатите, а дел ќе остане зачуван за зимската сезона.
– Вакви обилни дотеци не сме регистрирале во последните седум години, но тие се очекувани за овој период – велат од ЕСМ.
– Производството на електрична енергија е адаптирано на хидролошките прилики, а сите пет агрегати во Глобочица и Шпилје се во функција со висока доверливост – додаваат од компанијата.
Од АД ЕСМ истакнуваат дека и понатаму внимателно ја следат состојбата и преземаат мерки за безбедно справување со високите води.