НАД 8.300 ПОВИЦИ НА 112 ПО НЕВРЕМЕТО ВО СКОПЈЕ Операторите работат со полн капацитет, велат од ЦУК

Силниот ветер и дождот предизвикаа бројни штети низ Скопје, а операторите на итниот број 112 работеа со дополнителни екипи за да одговорат на пријавите од граѓаните.

221

Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика огромен број пријави од граѓани, а службите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) одговорија на повеќе од 8.300 повици за само четири часа.

Од 17 до 21 часот, на Единствениот број за итни случаи 112 биле регистрирани илјадници повици поврзани со последиците од силниот ветер, дождот и материјалните штети низ главниот град.






Директорот на ЦУК, Мухамед Али, информира дека операторите работат со полн капацитет, а по зголемениот број повици веднаш биле активирани дополнителни смени.

– Операторите на 112 работат во полн капацитет, а уште во првиот час беа ангажирани и дополнителни смени со цел да се одговори на зголемениот број повици. И во моментов сè уште има зголемен интензитет на повици од граѓаните, а сите примени пријави континуирано се процесуираат и се проследуваат до надлежните институции и служби – изјави Али.

Тој апелираше до граѓаните за трпение, поради исклучително големиот број пријави, и посочи дека доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со 112, пријавите за материјални штети можат да бидат доставени и во текот на утрешниот ден.

– Пријавите за материјални штети ќе бидат навремено евидентирани и проследени до надлежните служби – информира директорот на ЦУК.

Силното невреме што го зафати Скопје попладнево остави зад себе паднати дрвја, оштетени возила, откорнати кровни конструкции, прекини на електрична енергија и поплавени објекти, а екипите на надлежните институции остануваат на терен за отстранување на последиците.

Поврзани содржини