НАД 60.000 ЕВРА ИЗВЛЕЧЕНИ ОД ИЗМАМЕНИ БИТОЛЧАНИ Разоткриена мрежа што мамела граѓани со лажни сообраќајки

Измамници се јавувале по телефон и лажно тврделе дека блиско лице на жртвата е тешко повредено или предизвикало несреќа, по што исплашените граѓани предавале илјадници евра и злато на рака.

0

Над десет граѓани од Битола во последните неколку месеци останале без повеќе од 60.000 евра, откако станале жртви на добро организирана телефонска измама со лажни сообраќајни несреќи.

Според информациите од Основно јавно обвинителство Битола, измамата се одвивала по исто сценарио – најчесто биле таргетирани повозрасни лица кои добивале вознемирувачки телефонски повик.






Од другата страна на линијата им се претставувале лица кои тврделе дека нивен близок е тешко повреден во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за операција. Во друга верзија на измамата, на жртвите им било кажувано дека нивен роднина предизвикал тешка несреќа и дека парите се потребни за да се избегне затвор.

– Исплашени и во паника за своите најблиски, граѓаните се согласувале да предадат големи суми пари, златен накит и други вредни предмети. Сумите се движеле од неколку десетици илјади денари до повеќе од 20.000 евра.
Парите најчесто биле предавани на различни локации низ Битола на лица кои претходно биле ангажирани преку огласи на Фејбук. Тие ги подигнувале парите директно од измамените граѓани – велат од ОЈО.

Досега обвинителството поднело обвинение против четири лица кои ги преземале парите и се гонат како соизвршители во измамите.

Истрагата покажала дека парите потоа биле пренесувани во странство, каде што завршувале кај засега непознато лице во Бугарија. Сите случаи ги поврзуваат и телефонски броеви од Романија, преку кои измамниците контактирале со жртвите.

Поради тоа, обвинителството веќе побарало меѓународна правна помош за да се открие целата мрежа што стои зад измамите.

Во меѓувреме, истражните органи предупредуваат граѓаните да бидат внимателни и никогаш да не даваат пари на рака на непознати лица, особено по телефонски повик во кој се бара итна исплата.

Поврзани содржини