НАД 3.000 АКТИВНИ СЛУЧАИ Скопје, Тетово и Гостивар со најмногу новозаблени
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 552.263 граѓани.
Се засилува четвртиот бран. Вчера, по долго време, беа регистрирани осум починати од ковид-19 во едно деноноќие и 588 новозаразени. Паралелно со зголемување на бројот на новоинфицирани и в пресрет на најавените рестриктивни мерки, значително се зголемува интересот за вакцинација. Досега се вакцинирани над половина милион граѓани. Од Министерството за здравство завчера информираа дека досега се вакцинирани 32 проценти од полнолетните жители на државата.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 552.263 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 8.202 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14.928 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 998.876 дози вакцини, а ревакцинирани се 446.613 граѓани.
Покрај зголемениот број на вакцинирани, расте и бројот на новозаразени. По долго време, вчера беа регистрирани дури осум починати, 588 новозаразени од направени 5.780 тестирања. Вкупниот број на активни случаи е 3.135.
Во Скопје бројот на активни случаи се искачи на 1.053, а во Тетово 755. Следи Гостивар со 370 активни случаи, Куманово – 193, Кичево – 161, Струмица – 88, Битола – 75, Дебар – 71, Охрид и Струга со по 67 активни случаи. Во другите градови се под 50 заразени, а Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово, Дојран и Неготино сè уште се без позитивен случај.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 159.269 на оздравени пациенти е 150.613, на починати 5.521.