НАД 250 СКОПЈАНЧИЊА ЗАВРШИЈА БЕСПЛАТНИ ОБУКИ ЗА КОМПЈУТЕРСКИ ВЕШТИНИ Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и академијата „Еверест“ школуваат и деца без родители
Обуките, кои траеле еден месец, биле дизајнирани за ученици од прво до деветто одделение. Наставата се одвивала со физичко присуство, еднаш неделно по 2 школски часа, во модерна компјутерска лабораторија во центарот на Скопје. По нивното успешно завршување, секој ученик добил сертификат како признание за вложениот труд и за стекнатите знаења.
На 3 јули 2025 година успешно заврши серијата бесплатни обуки по компјутерски вештини за ученици од основните училишта во Скопје, кои беа реализирани од страна на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ во соработка со Детската ИТ академија Еверест и со 5 скопски општини: Центар, Аеродром, Карпош, Кисела Вода и Бутел, објави Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ.
Овие едномесечни обуки беа наменети за ученици од прво до деветто одделение, а ги посетуваа повеќе од 250 деца. Обуката се одвиваше со физичко присуство во современо опремена компјутерска лабораторија во центарот на Скопје, еднаш неделно по 2 школски часа. По успешното завршување, сите ученици добија сертификати, кои претставуваат признание за нивниот труд и стекнати знаења.
Преку проектно базиран пристап, децата решаваа реални проблеми, добиваа улоги од различни професии и се запознаваа со концептите на критичко размислување, истражување, тимска работа и самодоверба. Во текот на обуката, тие не само што усовршуваа компјутерски вештини, туку и учеа како да ги применат стекнатите знаења во секојдневниот живот.
Целта на оваа иницијатива, покрај развојот на дигитални вештини кај децата, е и хуманитарна – преку овој модел, со поддршка од родителите на вклучените ученици, Фондацијата овозможува и бесплатно школување за деца без родители, згрижени во детски домови или во мали групни домови. Оваа активност се реализира во соработка со Министерството за труд, демографија и млади и со детскиот дом „11 Октомври“ од Скопје.
Ова е уште еден чекор во насока на исполнување на мисијата на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ – создавање еднакви шанси за сите деца, поддршка на развојот на идните лидери и вложување во пристојна иднина за нашата држава.
Дополнителни информации за програмата и за можностите за следни обуки се достапни на: www.everest.mk