НАД 200.000 ЛИЦА НА УЛИЦИТЕ ВО МИНХЕН Масовен протест против Исламската Република

Околу 200.000 луѓе протестираа во Минхен против иранските власти за време на Минхенската безбедносна конференција. Реза Пахлави повика на меѓународна поддршка и крај на Исламската Република.

310

Додека во германскиот град се одржува престижната Минхенска безбедносна конференција, улиците на Минхен ги преплавија околу 200.000 демонстранти, кои излегоа на протест против властите во Иран.

Според полицијата, собирот поминал мирно, а граѓаните се собрале на плоштад во западниот дел од градот со јасна порака – бараат пад на Исламска Република Иран по крвавото задушување на протестите што започнаа кон крајот на декември.






Дел од демонстрантите носеа знамиња со зелено-бело-црвени ленти и симболот лав и сонце – обележје на монархијата што беше соборена во 1979 година.

Протестите не се ограничени само на Германија. За денеска се најавени митинзи со повик за меѓународна акција против Техеран и во Торонто и Лос Анџелес.

Во меѓувреме, протераниот син на соборениот шах, Реза Пахлави, од егзил упати директен повик до Доналд Трамп да му „помогне“ на иранскиот народ.

– Време е да се стави крај на Исламската Република – порача Пахлави, додавајќи дека граѓаните не бараат реформи, туку целосен крај на режимот.

Масовноста на протестот во Минхен се толкува како силна порака до меѓународната заедница, токму во момент кога светските лидери дебатираат за глобалната безбедност.

Поврзани содржини