НАД 2.000 НЕВРАБОТЕНИ ЌЕ ДОБИЈАТ ЕМ ОБУКА, ЕМ „ПЛАТА“ Ќе учат јазици, компјутерски вештини и ќе добиваат по 12.000 денари месечно
Обуките што се однесуваат на напредни дигитални и ИТ обуки се преку лиценцирани програми и секој учесник ќе добие меѓународно признат сертификат, што значително ќе ја зголеми неговата или нејзината конкурентност на пазарот на труд, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Владата е посветена на креирање мерки и решенија кои ќе ја подобрат перспективата и можностите на младите и останува фокусирана на зајакнување на улогата на жените и младите во општеството, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Оперативниот план за вработување за 2025 година ја опфаќа мерката обуки за жени и млади до 29 години во рок од 3 месеци со месечен надомест. Во овој циклус се предвидува мерката обуки со која ќе се опфатат над 2.000 лица со различни профили на поддршка согласно нивните потреби, но и согласно пазарните реалности. Првата обука која е наменета за невработени лица коишто се регистрирани во Агенцијата за вработување ќе биде кај конкретен работодавач, на конкретно работно место. Овде се вклучени 245 лица. Приоритет имаат жени, млади до 29 години и долгорочно невработени лица. Секоја личност ќе добива надоместок од 12.000 денари месечно, за време на обуката којашто е во времетраење до 3 месеци“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Втората обука се однесува на обука за веќе побарувани занимања на пазарот на труд.
„Овде се опфатени 600 лица и фокусот на обуките е потврден со социјалните услуги, зелените работни места и трговијата и услугите. Исто како и во претходната и овде надоместокот ќе биде до 12.000 денари месечно. Обуките за напредни и основни вештини се однесува на обуките за компјутерски вештини и на јазичните обуки и опфаќа 720 лица“, се вели во соопштението.
Обуките што се однесуваат на напредни дигитални и ИТ обуки, се преку лиценцирани програми, се додава во соопштението. Ќе можат да бидат опфатени и да ги искористат 470 лица. Секој учесник ќе добие меѓународно признат сертификат, што значително ќе ја зголеми неговата или нејзината конкурентност на пазарот на труд.