НАД 10 ИЛЈАДИ АКТИВНИ СЛУЧАИ СО КОРОНА Дури две третини од нив се во Скопје, Тетово и во Гостивар

Само во Скопје има 3.421 регистрирани случаи, а тоа е една третина од вкупните случаи. Тоа што особено загрижува е дека од сите 10.380 случаи, скоро половина, 5.562 случаи, се регистрирани во последните пет дена.

385

Дури 10.380 активни случаи со ковид-19 има во Македонија во моментов, а две третини од нив, фрапантни 64 отсто се распоредени во три града – Скопје, Тетово и Гостивар. Само во Скопје има 3.421 регистрирани случаи, а тоа е една третина од вкупните случаи. Тоа што особено загрижува е дека од сите 10.380 случаи, скоро половина, 5.562 случаи, се регистрирани во последните пет дена, јавува МИА.

Преоптоварени се болниците во Тетово и Гостивар, па така пациентите кои треба да останат и да лежат во болница ги препраќаат во Скопје. И во Кичево и во Струга болниците се делумно оптоварено.






Граѓаните мора да знаат дека додека сите ние се вакцинираме, ова нема да престане и тоа е единствениот спас, објасни вчера министерот за здрваство Венко Филипче, и ги повика граѓаните да се вакцинираат, повторувајќи дека вакцини има од сите типови и во доволно количини.

-Има јасни меѓународни препораки од релевантни институции дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а  вакциналниот имунитет е потраен. Сите препораки укажуваат за што пократко време луѓето да се имунизираат. Така ќе се зголеми степенот на вакцинација и ќе се постигне колективен имунитет. Треба да спречиме следни бранови, ова мора да го прекинеме – изјави Филипче.

За да им излезат во пресрет на граѓаните кои брзаат да се вакцинираат особено во последните неколку денови, властите решија повторно да го отворат пунктот за вакцинација во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Но овојпат, тоа ќе биде само малата сала.

-Тоа ќе биде малата сала, не големата и ќе има 20-ина места каде што ќе може да се спроведе вакцинацијата. Верувам дека тоа ќе ги растовари метежите и редиците кои ги имаме пред здравствените домови – порача Филипче.

Според податоците од Министерството за здравство, во претходното деноноќие биле регистрирани 1.250 нови случаи на КОВИД-19, а пријавени се 22 починати лица, на 20 август – 1.074 новозаболени и 22 починати, на 19 август – 1.158 новозабилени и 19 починати, на 18 август 1.081 новозаболени и 15 починати и на 17 август 999 новозаболени и 14 починати.

Само во периодот од 17 до 21 август починати се вкупно 94 лица, додека последен пат без починат пациент е 3 август.

Според епидемиолошки анализи во моментов, дистрибуцијата по градови е следна:  Скопје – 3421 активен случај, потоа следат Тетово – 1.754, Гостивар – 1.518, Куманово – 656, Кичево – 524, Струмица – 481, Струга – 308, Охрид – 284, Битола – 187, Дебар – 173, Прилеп – 141, Штип – 109, Велес – 107, Кавадарци – 102, Кочани – 88, Ресен – 83, Радовиш – 61, Свети Николе и Берово – по 52, Гевгелија – 40, Македонски Брод – 37, Валандово – 35, Кратово – 34, Виница – 33, Делчево – 22, Пробиштип – 13, Богданци – 12, Крива Паланка и Пехчево – по 10, Неготино – девет, Демир Хисар – осум, Крушево – шест, Македонска Каменица – пет, Демир Капија – три и Дојран – два активни случаи.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 167.991, бројката на оздравени пациенти е 151.957, на починати е 5.654, а бројот на активни случаи изнесува 10.380. Досега во земјата се направени вкупно 1.101.838 тестирања на Ковид-19.

Поврзани содржини