НАД 1.500 КАЗНИ ЗА МОТОЦИКЛИСТИ И ВОЗАЧИ НА ТРОТИНЕТИ Возеле пијани, без кациги и без дозволи, одземен 41 мотор

Во 246 акциски контроли низ државата полицијата изрече 1.594 санкции, а најчестиот прекршок беше возење без заштитна кацига. Казнети се и возачи под дејство на алкохол, без дозвола и малолетници кои управувале електрични тротинети.

0

Министерството за внатрешни работи во засилени акциски контроли низ целата држава изрече вкупно 1.594 санкции за прекршоци направени од возачи на мотоцикли, мопеди, велосипеди со помошен мотор и електрични тротинети.

Во рамки на акцијата биле реализирани 246 контроли и 58 превентивни активности, при што најголем дел од прекршоците се однесуваат на возачи на мопеди и мотоцикли.






Од вкупниот број санкции, 1.417 прекршоци биле констатирани кај возачи на велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, 174 прекршоци кај возачи на електрични тротинети, а три прекршоци кај велосипедисти.

Најчестиот прекршок е возење без заштитна кацига, за што биле изречени дури 962 казни. Полицијата санкционирала и 145 возачи кои управувале под дејство на алкохол, како и 70 лица кои возеле без соодветна возачка дозвола или потврда.

Во текот на контролите, полицијата привремено одзела и 41 мотоцикл.

Кај возачите на електрични тротинети најчесто биле утврдени прекршоци поради движење на несоодветни површини. Евидентирани се 63 прекршоци за некористење велосипедска или пешачка патека, 17 прекршоци за користење мобилен телефон или непрописно управување, 15 прекршоци за движење на места каде што не е дозволено користење тротинет и 14 случаи во кои тротинет управувале лица помлади од 14 години.

Дополнително, 10 возачи на електрични тротинети добиле писмени опомени.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период.

„Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди“, соопштија од МВР.

Поврзани содржини