НАЦОСКИ, ЕФРЕМОВ, ГУШТЕРОВ, ТАШКОВИЌ, МАРКОВСКИ Кој се најде на списокот за „МКарта“?
„МКартата“ може да ја добијат истакнати личности или поединци од дијаспората кои дале посебен придонес за подобрување на односите на Македонија со државата во која престојуваат, на меѓународниот углед на државата или се признати професионалци во струката,велат од МНР.
Носителите на „МКарта” се исклучителни луѓе од различни сектори кои можат да бидат ставени во функција на нашиот развој.Тие нема да имаат привилегии на дипломати. Единствено симболична порака е дека ќе им го олесниме доаѓањето во државата за да дојдат и да се вклучат во нашиот развој, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи говорејќи за списокот од 69 истакнати поединци од дијаспората.
Тој не ги соопшти нивните имиња но рече дека тие не се тајна.
Меѓу нашинците кои ќе ја добијат привилегијата на брза лента да можат да допатуваат во земјава и бесплатно да можат да посетуваат музеи има научници, лекари, бизнисмени, културни работници, политичари и инженери.
На листата се оперскиот пејач Благој Нацоски, кошаркарскиот тренер Заре Марковски, успешните доктори д-р Иво Бошковски од клиниката во Рим, д-р Димитар Ефремов научник од областа на хематологијата и ендрокринологот Горан Петровски од Катар како и бизнисменот Ристо Гуштеров и поранешниот министри за странски инвестиции во една од Владите на Никола Груевски, Глигор Ташковиќ.
„МКартата“ може да ја добијат истакнати личности или поединци од дијаспората кои дале посебен придонес за подобрување на односите на Македонија со државата во која престојуваат, на меѓународниот углед на државата или се признати професионалци во струката. Картата има рок на траење од четири години.
Иницијативата за давање „МКарта“ на заслужми од дијаспората предизвика бура од реакции меѓу дијаспората и во земјава. За сите е нејасно кои се заслугите на луѓето чии имиња министерот за надворешни работи Бујар Османи упорно ги криеше.
-Би било уште поинтересно кога Бујар Османи и МНР би ги објавиле имињата на заслужните и посебно истакнати поединците во дијаспората, за да се види кои се тие што биле „детектирани“ од дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП). Можеби тоа ќе поттикне и други поединци да се „борат повеќе“ и на „најдобар можен начин да ја претставуваат Северна Македонија во новата средина во која живеат“.Во кои земји, каде живеат и работат тие истакнати 69 личности во дијаспората? Дали со МКарта МНР наградува поединци кои се истакнале со личен труд главно во рамки на нивниот професионален ангажман како научници, лекари, бизнисмени и културни работници? Може ли да се види малку поблиску со какви проекти и активности се истакнале во редовите на организираниот живот на македонската дијаспора? Дали квалитетот на сработеното и постигнатите конкретни резултати во оваа област, како „посебен придонес за подобрување на односите на Република Северна Македонија со дијаспората или државата во која престојуваат“, се основниот критериум во „интерниот правилник“ на МНР за доделување на ваков вид признание? – напиша во својата колумна Ивица Челиковиќ