Национални девастации

Дваесет и првиот век е век на науката, технологијата, стручноста и професионализмот, а не на итарпејовски и бабини деветини, толку популарни во македонската политика. Граѓанинот одамна не е импресиониран од нивните „национални инвестиции“, од нивните локално партиски митологии и кафеански „анализи“ коишто по правило завршуваат катастрофално по граѓанинот. Па ве молам, вицепремиер на Владата конечно нѐ просветлува дека „Македонија се празни поради иселување“ (sic)!

432

Не можете, немате причина да не му верувате на г-динот Ахмети дека тој/тие ја сметаат ДУИ за – национална инвестиција. Можете само да завидувате. И толку. Можеме да расправаме надолго и нашироко како може политичка партија да биде „национална инвестиција“, и чија, или како може – а може, има и многу други примери – воинствена организација да стане политичка партија од „национален интерес“, ама тоа само ќе нѐ дефокусира од основната констатација: дека тоа е точно!

Ние можеме само да се прашуваме зошто македонскиот дел од политичката сцена, барем во кризни мигови, а таков живееме, нема субјект што така би го гледале. Како замена за такви „национални инвестиции“, ние имаме национални политички девастации. Или катастрофи, како сакате. Што и да допрат – уништуваат. Особено националните интереси. Не само македонските, или северномакедонските.






Се разбира дека во развиените демократии сериозните луѓе само би се насмеале и би одмавнале со раката на вакви националромантични глупости. Ама ние не сме демократија, уште помалку развиена или сериозна. Кај нас е сѐ уште функционална „критичката теорија“ на Адорно која, парафразирано, тврди дека угнетувањето се создава низ политиката, економијата, културата и материјализмот, но најефикасно се одржува низ свесноста, сознанието! Па следствено, сите актуелни политики, поточно „политики“ – на внатрешен и надворешен план, во економијата, културата, образованието, здравството и др. – нели се токму форма на угнетување, заглупување, непросветеност? Ние, особено денес, сме нагледен пример за тоа.

Формите на јавно форсирано угнетување, заглупавување и антипросветителство се камен темелникот – или македонската „национална инвестиција“ – на ова општество, почнувајќи од самите врвови на власта, преку државната администрација, до дното на политичката хиерархиска пирамида. Македонскиот дел на актуелната партократија секојдневно, и свесно, инвестира во сите можни форми на угнетување и заглупување на народот, особено низ кадровската политика.

Безмалу секој важен општествен/државен потег во изминативе години, па и децении, е катастрофално приземен, прозаичен, неук/нестручен, се коси со основната логика. Ние инвестираме во тоа каде што сме најнеспособни: во политиката односно политикантството како локален дериват! Другите инвестираат во науката, образованието, културата, здравството…, во она што се нарекува „welfare state“.

Извинете, но основите на современата политика кај нас ја градат луѓе без професионални биографии, накитени само со партиска бижутерија и асесоари, а виза им е печатот на „национална инвестиција“ од нивниот лидер: тоа им е замена за неопходната стручност и компетентност, за криминалот и коруптивноста, за политичкиот неморал.

Министерот за надворешни работи ни гради куќа на три столба, премиерот се осмелува среде ОН да говори за македонското „образование“, претседателот на собранието толкува Устав, претседателот на државата си приредува изложбички…! А оној фамозен вицепремиер за економија ги меша адресите: наместо да каже дека 93,4% од државната администрација е функционално неписмена, тој за такви ги прогласува – невработените! Па тие ли, невработените, ја доведоа државата до оваа катастрофа?

И дури сега, после цели пет години, вицепремиерот за евроинтеграции вели дека „Сега е најважно да сме фокусирани на реформите и да останеме на европскиот пат. Тоа е наша обврска и задача која им ја должиме на граѓаните, да обезбедиме просперитет и напредок на земјата“ (sic!).

Зошто никој, па ни „опозицијата“ (зацапана со „рачето во медот“) не прашува: а што правевте досега? Па затоа и премиерот ќе го премолчи непоставеното прашање на што се потрошија клучните реформски години, но ќе се дрзне да коментира што и како (не)работела опозицијата во Скопје! Македонските кадровски девастации узурпираа цели пет државни буџети за да не мрднат од стартната позиција прашувајќи ја опозицијата: а што правевте вие додека бевте на власт? Како граѓаните да се малоумни па не паметат што и како (не)работеше оваа опозиција, но еднакво ги паметат и ветувањата на оваа власт. Ама сепак, наместо валидни одговори, добиваат – итарпејовски прашања!

Ноншалантна во сопствената веќе епохална неспособност, оваа коалиција упорно продолжува со играриите од типот „национални инвестиции“ и тесноетнички интереси, надополнувани со тоталното отсуство на концепт/систем на работа и одлучување, што впрочем резултираше во галопирачки хаотична и со катастрофални размери криза, деташирана од власта како увезена „украинска“ ситуација.

Зарем некој навистина сѐ уште верува дека „економскиот тим“ на Владата е кадарен да ја извлече земјава од оваа криза, или дека евроинтегративниот двоец без кормилар може да се справи со бугарската закана и ЕУ предизвиците? Како што, впрочем, и целата онаа министерска „општествена“ линија е тотално неука и необразована за тековните и претстојните ломови во образованието, науката, културата, здравството, социјалата…!

Македонскиот проблем е проблемот на немање концепт/систем во микроглобалните и микро локалните рамки. Наспроти сите можни (главно пресликани од надвор) стратегии коишто само собираат прав низ архивите, ние во праксата немаме систем за ништо: ни за надворешната политика, ни за внатрешната, ниту за државната администрација или сегментите на општествената надградба и др. Кој и каков е, на пример, концептот на „функционално неписмената“ државна администрација (освен, се разбира, партократскиот „концепт“?

Ги следи ли таа, но и Владата, впрочем, упатувањата на Вебер, на пример, за секојдневниот раст на надежите/барањата на граѓаните за подобрување на животните услови, услугите од администрацијата, поврзувањето со светот, очекувањата за европско образование, култура, здравство, наука и др.? И што прави во таа насока? Ништо, се разбира, зашто тие едноставно немаат капацитет и знаење да ја согледаат неопходноста од аполитична администрација, почитување на законите и формалните процедури, професионализмот и специјализацијата итн. Тие говорат за национални инвестиции, државност и други будалаштини, не гледајќи дека тоа се всушност нивните децениски национални девастации.

Го спомнувам Вебер и неговата социолошка теорија која што е стара безмалу цел век, но и оваа власт е, де факто, со познавањата и однесувањето, од тоа време. Тие не разбираат дека граѓанинот на 21-от век е различен од оној во 20-от, дека современиот граѓанин размислува за причините и последиците, за нивната каузална врска и импактот на неуката власт на таа врска. Тешко веќе поминуваат и приказните за „украинската криза“ наспроти целосниот крах на сите полиња на оваа власт!

Сакам да кажам, воопшто не е важно – денес и овде – дали говориме за Вебер, Дурхајм, за функционализмот или структурализмот. Ние со оваа неука власт не можеме да говориме на ист современ научен, стручен јазик. Тие тоа не го разбираат, се оглушуваат од барањата на јавноста да ги аргументираат своите постапки, да ги образложат своите глупости. Не разбираат дека веќе одамна не е доволно (нај)високи претставници на власта да ни држат лекции што и како тие „мислат“, ако воопшто нешто мислат.

Дваесет и првиот век е век на науката, технологијата, стручноста и професионализмот, а не на итарпејовски и бабини деветини, толку популарни во македонската политика. Граѓанинот одамна не е импресиониран од нивните „национални инвестиции“, од нивните локално партиски митологии и кафеански „анализи“ коишто по правило завршуваат катастрофално по граѓанинот. Па ве молам, вицепремиер на Владата конечно нѐ просветлува дека „Македонија се празни поради иселување“ (sic)!

Впрочем, не е ли конечно крајно време Македонија, Северна или каква и да е, да ги смени приоритетите, концептите, тимовите и кормиларите, да ги преиспита политиките и „политиките“, „инвестициите“ и девастациите кои секојдневно ѝ одземаат дел по дел, ден по ден од иднината?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини