Национализмот сè уште го води орото на Балканот

Пред една година, во текст во Плусинфо, звонев на узбуна. Ја препознав бурата на хоризонтот и помислив дека покривот на куќата се поправа кога грее сонце. За да ја одбраниме, мораше да ја прилагодиме македонската приказна на новото време. За жал, тоа не го сторивме и не фати невремето.

2,069

На почетокот од деведесеттите, во текот на авионскиот лет кон една од меѓународните конференции на кои се определуваше судбината на Македонија, претседателот Киро Глигоров ми раскажа настан од 1945 година.

Полицаец држи дебело јаже во раката и влече зад себе човек со јамка околу вратот и табла на градите на која пишува „Петоколонаш“ и „Предавник“. Разулавена толпа скопјани ги следат, упатувајќи удари, пцости и фрлајќи предмети по несреќнот човек. Така, по војната, се третираа непријателите на народот.






Што сторивте Вие, го прашав претседателот. Глетката беше толку мачна што отидов право кај Лазо Колишевски со барање оваа пракса да престане. Престана ли, навистина, се прашувам и денес? На ова помислив кога, во една телевизиска емисија, седумдесет и шест години подоцна, учесниците во дебатата: професорка по историја од Македонија, млад истражувач, Македонец, од Америка и новинар , некогашен мој студент, сложно набројаа неколку имиња на „петоколонаши“ во Македонија денес. Меѓу наведените го слушнав и моето име. Темата, се разбира, беше спорот околу историјата со Бугарија, а како и пред година дена кога истиот новинар направи лом во мојот живот со исечок од две секунди од мое интервју за бугарска телевизија, се почувствував, благо речено, онеправдан.

Имено, моето демократско образование кое им го пренесувам на студентите вели дека нема предавници во политичкиот дијалог на едно либерално демократско општество. Може да има само патриоти од двете страни на дебатата и никој нема право другиот да го нарече предавник, петоколонаш или квислинг затоа што мисли поинаку. Има само различни мислења, различни историски наративи кои би требало да можат слободно да се изразуваат. Ако не е така, вашата држава ќе стои во место или ќе назадува зашто е лишена од најважната алатка на прогресот – критичката мисла. Не ли го разбереме ова бргу, до никаде нема да стасаме, повторувајќи го и во овој меѓународен спор со држава членка на ЕУ „грчкиот круг“ кој траеше три децении. Кога би научиле барем да не етикетираме и да  се слушаме ќе видиме дека, пак да го цитирам Глигоров, Македонија е комплицирана формула.

Ни пречи поинакво мислење па бараме спас од македонските историчари мислејќи дека таму има монолитност  околу некаков семакедонски светски прифатен историски наратив. Напротив,  некои од нашите историчари ги наоѓаат почетоците на нашата македонска нација кај античките Македонци, други во средниот век, трети пак во средината на деветнаесеттиот и првата половина на дваесеттиот век. Првите, од разбирливи причини, никогаш нема да го прифатат Преспанскиот договор со Грција. Вторите, пак, никогаш нема да се откажат од Самуил и неговото царство и ќе бидат против Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Третите,иако најблиску до вистината, се малубројни. Зборот ми е дека ако се знае дека и  меѓу историчарите, како и во општеството во целина,  владее истиот тој недемократски дух кој и колегата може да го нарече предавник, јасно е колку ни е потребен либералниот дух на на толеранција меѓу разните наративи.

Но, тој дух фали секаде па дури и во музиката, како што покажува непримерното поведение кон сјајниот Васил Гавранлиев на кого му посакуваме успех на Евровизија. Фали и на највисоко државно ниво. Кога актуелниот претседател на републиката Пендаровски вели дека нашата држава не е во состојба да реши голем проблем без странско учество, тоа, се разбира, е голем срам за водствата на политичките партии и за него лично. Срам е и за нас како граѓани. Но, тој само потврдува дека и во македонската политика отсуствува една демократска состојба на умот, како, впрочем и кај новинарите и историчарите. Странците се решение? Ако се вклучат странски посредници во македонско-бугарскиот спор, што нема да се случи се додека не се загрозат интересите на големите сили односно на НАТО сојузот,  тие ќе се консултираат со своите историчари кои ќе ги брифираат не врз нашата или бугарската, туку врз основа на западната политичка и историска литература која е најблиска до објективните историски факти. Во таков замислен разговор, некои работи што ќе ги слушнеме ќе ни се допаднат а некои не. Дека македонска нација и македонски јазик постојат и, не само што  никој не треба  да ги негира тие факти, туку треба да се однесува кон нив со должна почит. Дека, како сојузници во големата антифашистичка борба во Втората светска војна, заедно со другите југословенски народи, не врзуваат трајни и нерсакинливи врски. Но, и дека има само две држави на Балканот кои не можат да се повикаат на средновековно историско наследство, туку се современи, модерни држави: Словенија и Македонија. Ќе ја објаснат и пан-бугарската идеја и како геополитиката го забрзала процесот на создавање на македонската нација од средината на деветнаесттиот век, а особено во триесеттите и четириесеттите на дваесеттиот век.

Што се однесува до Кирил и Методиј, ќе ни објаснат прво дека секаде во Европа,писменоста и христијанството се ширеле од вибрантните градови, какви што биле Венеција, Дубровник или Солун, центрите на економијата и на културата, кон внатрешноста. Така и Македонците и Бугарите ќе разберат дека светите браќа, всушност биле пред се визнтиски службеници а не Македонци или Бугари. Можеби тогаш конечно ќе разбереме од каде истоветноста меѓу грчката азбука и нашата ќирилица и ќе престанеме да се караме околу тоа дали ние или Бугарите сме колевката на словенската цивилизација. А, сепак, ништо од ова нема да се случи затоа што во светот на државите секој сам си ги објаснува работите. Самопомошта, како што покажа и искуството со набавката на вакцини, е основното правило на меѓународната политика.

Свесен за ова, и насетувајќи го налетот на бугарското торнадо, со текстови уште пред две децении, сакав македонското општество да отпочне дијалог со себеси по ова чувствително идентитетско прашање. Пред една година, во текст во Плусинфо, звонев на узбуна. Ја препознав бурата на хоризонтот и помислив дека покривот на куќата се поправа кога грее сонце. За да ја одбраниме, мораше да ја прилагодиме македонската приказна на новото време. За жал, тоа не го сторивме и не фати невремето.

Зошто? Прочитајте ја уште еднаш приказната на претседателот Глигоров од почетокот на текстот и лесно ќе заклучите дека никој нормален не сака да биде во улогата на тој несреќник. Национализмот сè уште го води орото на Балканот.

Поврзани содржини