НАЦЕВА ЌЕ ГРАДИ ПЛОШТАД ВО НЕГОТИНО Димитриева ќе ја модернизира Демир Капија
Секој граѓанин е важен, секој граѓанин заслужува да го добие должното внимание, да биде слушнат, да се разговара со него, да се разменат идеи, мислења и предлози, вели кандидатката за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева.
Неготино и населените места ќе бидат уште попристојни и поубави за секојдневно живеење и функционирање, рече на денешниот митинг во Неготино, кандидатката за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева.
– Секој граѓанин е важен, секој граѓанин заслужува да го добие должното внимание, да биде слушнат, да се разговара со него, да се разменат идеи, мислења и предлози – рече Нацева.
Таа најави проекти за уредување на центарот на Неготино, како изградба на нов градски плоштад и кружен тек.
– Изградба на нов градски плоштад, изградба на кружен тек, реконструкција со рехабилитација на главната улица Маршал Тито, реконструкција на тротоари на улицата Маршал Тито и на улицата Партизанска, реконструкција на патот од Долни Дисан до Горни Дисан, реконструкција на улицата Ленинова, реконструкција во населено место Криволак и многу други проекти кои ќе значат подобар и поквалитетен живот за сите неготинци – рече Нацева.
Канидатката за градоначалник на Демир Капија Наталија Димитриева на митингот во Демир Капија рече дека нејзината основна цел на овие избори е создавање услови за поквалитетно секојдневие на сите граѓани и Демир Капија да почне да се развива како модерен и достоинствен град.
– Главен фокус ќе биде образованието и младите, ќе се работи на заштита на животната средина, дигитализацијата ќе биде основен инструмент за модерна општина, ќе се поттикнуваат спортот и културата. Во социјалната сфера, општината ќе отвори домови и дневни центри за стари лица, дневни центри за лица со попреченост, програми за ментално здравје и советувалишта. Но, знаеме и нешто друго. Дека вистинските промени доаѓаат со вистинските луѓе. Со вистински избори, со луѓе што знаат дека не можат сè, но се подготвени да почнат и да истраат – рече Димитриева.
Таа истакна дека во програмата се планирани многу проекти, како инвестиции во патната инфраструктурата и уредување на паркови и зелени површини.
– Во програмата ветуваме и се обврзуваме на: изградба на систем за наводнување, надградба на водоводот во Демир Капија, во селото Бистренци, реконструкција на улици во населените места, подобрување на комуналната инфраструктура, уредување на паркови и зелени површини, поддршка на приватни инвестиции во земјоделството, урбанистички планови и партерно уредување на селата, покривање на Градски пазар, изградба на паркинг зони, отворање на амбуланта во руралните средини, изградба на спортско игралиште – рече Димитриева.