НАЈМНОГУ ПРЕКРШОЦИ НА ПЛАСТИЧАРСКА И НА ИЗЛЕЗ ОД СКОПЈЕ КОН ТЕТОВО За еден ден преполовени сообраќајните опомени

Камерите за надзор открија две критични точки во градот каде секој ден илјадници возачи прекршуваат сообраќајни правила, а највисоката измерена брзина стигнала до неверојатни 209 км/ч.

3

Повеќе од 50.000 сообраќајни прекршоци се регистрирани на 2 декември преку системот „Безбеден град“, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи. Ова претставува драстичен пад во однос на 1 декември, кога во првите 24 часа од тест периодот беа забележани 110.000 прекршоци.

Од вкупнo 50.652 прекршока регистрирани на 2 декември, дури 48.861 прекршок бил за брзо возење, 1.366 за минување на црвено светло, а 425 за нерегистрирани возила.






Од МВР објаснуваат дека камерите „не ги бројат сите возила што минуваат низ градот, туку само ги снимаат оние што прават прекршок“.

Најопасни точки: излезот кон Тетово и булеварот Никола Карев

Во првите 12 часа од вчерашниот ден, „Безбеден град“ регистрирал нови 22.600 прекршоци, а речиси 95% или 21.400 се однесуваат на возење со брзина поголема од дозволеното.

– Најмногу прекршоци се забележани на излезот од Скопје кон Тетово, вкупно 4.300 случаи, како и на булевар Никола Карев (познат како Пластичарска улица), каде што се регистрирани 3.000 прекршоци – велат од МВР.

На прашање кои локации се издвоиле како „жешки точки“, од Министерството посочуваат дека токму овие два правци доминираат по бројот на опасни возења. Кај минувањето на црвено, најризична е раскрсницата меѓу улиците Цветан Димов и Џон Кенеди, каде што се регистрирани 45 прекршоци.

Од 51 до 209 километри на час – екстреми во тест периодот

Според податоците од МВР, „најмалата регистрирана брзина за која е изречена казна е 51 километар на час“, додека највисоката измерена брзина во тест периодот достигнала 209 километри на час, што според полицијата е „екстремно ризично и опасно однесување“.

Поврзани содржини