На здравје (европско) бричење и кратко потстрижување
Во континуитет нѐ бричат и стрижат како овци долж и попреку секакви европски бербери-шарлатани, во процесот се менуваа(т) само главните ликови но не и нивните карактери, а наративот и „условите“ соодветствуваат на мигот односно пригодата. Што ќе рече дека се – менлива категорија. Што е смешно, нели. И апсурдно за една „унија“ што се претставува за демократска! Но, иако и најновото бричење во европскиот парламент (малите букви се…) е дел од за нас суштествениот процес на започнувањето на пристапните преговори, ни тоа не е нешто ново или невидено во вкупната травестија по сценариото на една соседна земја – по игра на случајности членка на еу – и нејзните (веќе) садистички барања што Македонија мора да ги исполни.
Во целата оваа маратонски травестија викана македонски приклученија кон еу (малите букви се…), мораше да има и ваква завршница. или „крешчендо“, како сакате. Онака како во насловот, како што старите скопски бербери ги испраќале муштериите. Се разбира без она „европско“, бидејќи тоа бричење и потстрижување си беше – скопско. Европа, за среќа, во тоа време беше доста далеку од нас. Барем во политиката.
Но, не дека ова ни е прво вакво европско бричење. Во континуитет нѐ бричат и стрижат како овци долж и попреку секакви европски бербери-шарлатани, во процесот се менуваа(т) само главните ликови но не и нивните карактери, а наративот и „условите“ соодветствуваат на мигот односно пригодата. Што ќе рече дека се – менлива категорија. Што е смешно, нели. И апсурдно за една „унија“ што се претставува за демократска! Но, иако и најновото бричење во европскиот парламент (малите букви се…) е дел од за нас суштествениот процес на започнувањето на пристапните преговори, ни тоа не е нешто ново или невидено во вкупната травестија по сценариото на една соседна земја – по игра на случајности членка на еу – и нејзните (веќе) садистички барања што Македонија мора да ги исполни. Ако баш запнала да биде толку глупава, се разбира.
Или, ако сакате, што сѐ не видовме и не слушнавме од онаа 2004 година и сите досегашни постави во европската комисија. Некои тоа сакаат да го наречат политика. Но ако е тоа политика, тогаш кај нас на Бит-пазар се води најчистата европска политика! И таа „политика“, во различен опфат, како впрочем и денес, беше прифаќана како нормална од дел од локалните „стручњаци“, одејќи дотаму што им беа/се логични и придавките „модерен“ и „сегашни“ во контекстот на јазикот и народот.
Не знам зошто владата не даде некому – ако не повеќе тогаш барем на Министерството за европски прашања – задача да подготви „бела книга“ за целиот тек на македонскиот евроинтегративен процес, со акцент на сите варијанти на ветувања за премостување на налудничавите барања на една нивна членка. Па дури и ако се повеќе членки, како што сугерираше унгарскиот министер за надворешни работи. Зашто, нема поефикасен начин за борба со оние самозадоволно умислени еврошарлатани и соодветната бирократија, од тој да им ја ставиш под нос лепезата на нивните лаги и глупости. Но не само нив туку и на светот, а највеќе на македонските идни генерации политичари. Да знаат со кого си имаат работа!
Притоа, барем во форма на апендикс, „белата книга“ би требала да заврши со збир на сите глупости што ги изјавуваше дел од македонската политикантска елита и нивната „пајтон интелигенција“ која и денес ја претставува Македонија како „безнадежна“, дека не умее да си ги препознае интересите, дека ние (да простите) ќе ги „заебеме“ Бугарите ако ги ставиме во Уставот и слични будалаштини. Коишто се движат дотаму што за компетентен политичар се прогласува дури и еден Еди Рама – сликар и писател, извонредно смел интелектуалец, но никако и „компетентен политичар“. Но и со „филозофското“ вистиномерско „толкување“ на инфантилната изјава на „госпожа“ Марта „УДБА“ Кос, која (наводно) сепак била „покомплексна и со поинаков контекст“. Богати, „госпожа“ Марта ќе треба да ја гледаме како некаква внука на Примож Трубар, што ли?
Не сакам да кажам дека ние сме имале многу подобри од Рама, Кос и редица други кои некои овде ги воспеваат. Напротив. И за тоа ќе пишувам понатаму зашто компетентноста е првиот, основниот предуслов за добри политики. Спомнативе сепак не се тој формат. Но таквите констатации односно споредби само го потврдуваат фактот дека кај нас аналитичкиот ум е на најниското ниво, дека белото кај другиот по правило е црно, дека дел од македонската „интелигенција“ нема поим што ѝ се случува на земјата, или пак не сака да знае заради други агенди! И впрочем, каков ум може да смисли дека „ние седиме на клинецот наречен македонски национализам и не мрдаме зашто мислиме дека ’така треба да биде’“? Но да, некој си седи на нешто, но допрва ќе се види на што!
Дури и да се задржиме само на изјавите на овој нов состав на европската комисија (малите букви се…) и нејзините први луѓе, таа „бела книга“ би била вистински бисер за меѓународната еу политика, И нивните лаги – извинете, но тоа е вистинскиот збор! – коишто често беа дијаметрално различни (заради што и ги нарекувам лаги!): од, на пример, она дека комисијата ќе ги разгледа забелешките и барањата на Македонија во однос на условите од една нивна земја членка до она „нема план Б“, од согласувањето дека билатерални спорови не можат да бидат услов за започнување пристапни преговори до целосното негирање на тој став, дека се бараат некакви „креативни решенија“ за „случајот“ Македонија (иако тие „решенија“ најчесто пристигнуваа во форма на „ништо помалку и ништо повеќе“ и „Не ни треба План Б, туку треба да го испорачаме План А“), дека „ние ви стоиме на располагање, подготвени да ви помогнеме“ но „не може да има гаранции“ итн., итн. И секогаш тоа беше филувано со сите можни конструкции и манипулации на „почитуваната“ Марта Кос за некакви критериуми на еу за проширувањето, за мерит систем односно систем на заслуги, за политичка воља и слични будалаштини. Сето тоа „спакувано“ во комплет со Грк како амбасадор на еу во Македонија во клучниот период на процесот!
И затоа ли македонската јавност никогаш не доби јасен одговор зошто понудата на македонската влада за вклучување на Бугарите во Уставот по завршувањето на пристапните преговори не беше прифатлива за еу? Ја сметаат оваа власт за недоверлива, за лажлива, за несигурен партнер која не би го исполнила ветеното…? Па чуму тогаш сите лаги и махинации? И никој не наоѓа за потребно да одговори на прашањето на претседателката Слијановска-Давкова каде е конкретизирано кога треба да ги внесеме оние пет-шест Бугари во Уставот? И навистина ли беше неопходна како капак простачката изјава на Кос за идентитетот, за да ни биде показател за местото што ни припаѓа во еу? И дали и остатокот од Европа така нѐ гледа и зошто?
Целата оваа еу приказна стана толку грда, крајно дволична и апсурдна што веќе не знаете дали ние треба да одиме во таа Европа или еу (односно барем нејзината комисија) прво да помине неколкумесечен забрзан курс по добро воспитување, културно однесување и демократија. Зашто овој нивен помпезен простотилак веќе е загрижувачки. И токму тука мислам дека се неточни некои оправдувања што се појавуваат (на пример кај Иван Крастев) дека „победата на Трамп ја промени природата на европската внатрешна политика“! Извинете но луѓето, а особено политичарите, не се менуваат преку ноќ и не под надворешни влијанија. Простаците секогаш се простаци, културните не ја забораваат културата за само 24 часа, лажговците секогаш (ќе) лажат… итн.!
Или сега на Трамп ќе му ја „припишеме“ и простачката изјава на Руте за Лавров? Или и шампионката за еу двојни стандарди – претседателката на еу парламентот, Роберта Мецола – учи од Трамп? Но, ако на европјаните им е полесно така да мислат, so be it. Како што и македонската „опозиција“, олицетворена во веќе фамозниот Филипче, заборава дека барањето за бришење на македонскиот јазик и идентитет од уште пофамозниот извештај го потпишале и нивните „идеолошки браќа“ викани Партија на социјалисти и демократи (S&D)! Заедно со ултранационалистичката бугарска „Обнова“. А тој нели само пред два-три дена беше во Берлин на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), каде полтронски му се заблагодарувал на Шолц „за континуираната поддршка од Владата и од СПД – сестринската партија на СДСМ за заштита на македонскиот идентитет“?!
Но, целата оваа скандалозно маратонска травестија со македонскиот евроинтегративен пат, наспроти оние смешни минливо-менливи еу шарлатани, има и една константа: источниот ни сосед. Нивната „глувчешка политика“ на играње оро кога мачката не е дома непроменето трае цели 76 години – да не ги спомнувам вековите! – односно од смртта на Георги Димитров. Само во неговото кратко интермецо од одвај три години како премиер (1946-1949) односите со источниот сосед биле речиси нормални. После тоа, во различни форми, продолжи познатата политика на негирање, лажење, обвинување… Односно, кога во видното поле ќе се појавеше некоја сериозна мачка, глувците бегаа(т) во дупката и безмалку не дишеа. Но кога имаат работа со онакви еу мачиња без заби и нокти, вијат песни и ора до бескрај. Со постојано ист рефрен: Македонија е Бугарска а Македонците се Бугари!
И никогаш не забораваат да го повторат, последен пат токму тука во Скопје, пред неколку дена, од устата на нивната претседателка на Собранието Киселова: „Прво, Бугарија нема апсолутно никакви претензии кон Република Северна Македонија во која било форма, освен да се почитува Договорот за пријателство и добрососедство од 2018 година и да се почитува европскиот консензус од 2022 година, имено оние обврски што Република Северна Македонија ги прифати со овој европски консензус да бидат исполнети. Бидејќи тие не се исполнети, тие бараат аргументи со кои да не ги исполнат и да ја одложат својата покана“. И без оглед на фрапантната контрадикторност на почетокот со крајот на реченицата, тие успеваат да им замачкаат очи на „мудруте“ европјани дека само се залагаат за спроведување на европските политики! Но и на нашиве „вистинољубци“, „опозиционери“, „невладини“…
Затоа впрочем и бугарското „оче наш“ дека „Македонија е Бугарска а Македонците се Бугари“ помина низ цела Европа како симплон, ги здружи „прогресивците“ со ултранационалистите, зелените со евроскептиците…, во заедничка културоцидна политика контра една држава-аспирант. Да не беше историјата, ќе речев невидено и нечуено. Ама – не е!
П.С.
А во контекстот на историјата, се надевам дека анахроната идеја за некакви даноци за неженети и немажени – толку налик на европскине шарлатани – сепак ќе остане само историја!