НА ЗАЕВ, БУЧКОВСКИ, ДИМИТРОВ И НА ФИЛИПЧЕ ДО СЛАВЈЕ ИМ ДОШЛО Ќе одат во Атина да одбележат шест години од Преспанскиот договор
Дводневната Меѓународната конференција за мир и одржлив развој на 17 и 18 јуни ја организираат „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“, а повод е шестгодишнината од Договорот во Преспа, со кој беше променето официјалното име на Македонија.
Поранешните премиери Зоран Заев и Владо Бучковски, поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер Никола Димитров и Венко Филипче, директор на „Фондацијата Заев“, ќе учествуваат на меѓународна конференција во Атина, по повод шестгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.
Дводневната Меѓународната конференција за мир и одржлив развој на 17 и 18 јуни ја организираат „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“, јави дописничката на МИА од Грција. Ќе се разговара за иднината на Европа по европските избори, интегративниот процес на Западен Балкан, геополитичките случувања во Источен Медитеран, мирното решавање на споровите, справувањето со климатската криза и за европските економски случувања.
На конференцијата во Атина планирано е учество на шефови на меѓународни организации, премиери, еврокомесари, водечки владини претставници, поранешни претседатели, премиери и министри за надворешни работи, како и „претставници на партии од целиот демократски спектар со акцентот на централно левичарски, левичарски и прогресивни сили“.
Најавено е дека во Атина ќе дојдат четворица европски комесари, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, премиерот на Србија Милош Вучевиќ, поранешните премиери на Шведска и Грција, Стефан Лофвен и Јоргос Папандреу, поранешниот претседател на ЕП Мартин Шолц, поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, како и на градоначалниците на Атина и на Истанбул.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ќе се обрати преку видео-порака, во пресрет на доделувањето на „Наградата од Преспа“ за специјалниот претставник на ОН во преговорите Метју Нимиц, кој исто така ќе биде присутен на конференцијата, за неговиот придонес во Договорот од Преспа.