На утрешниот Самит можни разговори на лидерите на ЕУ со Борисов за Македонија

Физичките средби на лидерите се секогаш можност за размена на мислења, така што и размена на оваа тема е можна и остварлива, но не можам да зборувам за сите делегации - изјави висок дипломатски извор од Советот на ЕУ.

445

Високи дипломатски извори во Брисел велат дека не се исклучува можноста лидерите на ЕУ да се обидат да разговараат за Северна Македонија со бугарскиот премиер Бојко Борисов на Самит на Унијата, што ќе се одржи утре и задутре.

По вчерашната блокада на Бугарија за почетокот на преговори за челенство со Северна Македонија и Албанија поради билатерален спор со Скопје, германскиот министер за Европа, Михаил Рот, рече дека неговата држава, која до крајот на оваа година претседава со ЕУ, не се откажува од постигнување консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија.






Утре и задутре шефовите на држави и влади на Унијата ќе се состанат во Брисел за традиционалниот последен самит во годината. И покрај епидемијата од ковид-19, овој состанок ќе биде физички, што овозможува повеќе неформални и билатерални контакти.

– Физичките средби на лидерите се секогаш можност за размена на мислења, така што и размена на оваа тема е можна и остварлива, но не можам да зборувам за сите делегации – изјави висок дипломатски извор од Советот на ЕУ.

Како што порача вчера Рот, германската канцеларка Ангела Меркел лично се вложила во обидот да се надмине блокадата на Бугарија. На утрешниот самит Меркел ќе има можност да се сретне бугарскиот премиер Борисов, иако нема гаранции дека тоа ќе ги придвижи работите.

Германското претседателство со ЕУ вчера оцени дека ако тоа не се случи до крајот на оваа година, тогаш во текот на првите шест месеци од 2021, под португалското претседателство, може да се надмине блокадата и да се одобри преговарачката рамка за Северна Македонија. Германија вети полна поддршка во овој процес.

 

Поврзани содржини