На учениците им е тешко, а на родителите уште потешко: Ноќе сонувам равенки, се гушам и си плачам!
Неодамна имав обид да се повлечам и да ги оставам децата сами да се снаоѓаат, но не можев да издржам. Потребна ми е психолошка помош и наскоро ќе го сторам тоа - раскажува 40-годишната Силвана М., од скопската населба Карпош.
Не им е лесно на учениците кои поради пандемијата со коронавирусот се принудени да следат онлајн настава, но уште потешко им е на родителите, кои, освен тоа што голем дел од нив мораат да ги извршуваат работните обврски од својата дневна соба наместо од канцеларија, тие секојдневно треба да глумат и наставници, а неретко и полицајци.
Но, не секој родител може лесно да се прилагоди на таквата промена. Плусинфо разговараше со неколку мајки кои работат од дома, а чии деца следат онлајн настава, па како што истакнаа, секојдневно се соочуваат со големи притисоци, нервози и напади на паника.
– Имам две ќерки кои следат онлајн настава, а и јас сум принудена да работам од дома наместо да одам во канцеларија. На почетокот на онлајн учебната година мислев дека ваквиот начин на функционирање ќе ни годи на сите подеднакво, но неколку месеци подоцна сфатив дека сум била во заблуда. Ако ми верувате, јас во исто време ги извршувам своите работни обврски, чистам, готвам, но најмногу од сè што правам е да им помагам на ќерките со наставата. Вистинско лудило се случува кај нас дома и од понеделник до петок нема излегување, ретко и за викенди. Само учење, учење и учење. Но, најстрашното е тоа што постојано чувствувам немир. Кога едната ќерка ќе ми каже дека треба да прави тест, веднаш ме фаќа паника. Кога другата ќе ми каже дека наставникот ѝ најавил писмена работа, јас се избезумувам. Чувствувам гушење, добивам панични напади, а понекогаш и ми доаѓа да плачам. Не можам сама да се изборам со ова. Се плашам дека ќе ја загубам работата поради обврските што ги имам со децата. Свесна сум дека претерувам, но не можам против тоа. Неодамна имав обид да се повлечам и да ги оставам децата сами да се снаоѓаат, но не можев да издржам. Потребна ми е психолошка помош и наскоро ќе го сторам тоа – раскажува 40-годишната Силвана М., од скопската населба Карпош.
Со сличен проблем се соочува и Јасна П., од населбата Ѓорче Петров.
– Со нетрпение чекам да заврши првото полугодие и да започне зимскиот распуст. Моето дете е седмо одделение и ја следи наставата онлајн. Не можете да поверувате колку само обемен материјал треба да се учи секоја недела. Јас мислам дека студентите на факултет немаат толку многу за учење. Детето не може да постигне, па јас морам да му помагам. А тоа мое помагање трае половина ден, секој ден. Навечер сонувам равенки, а честопати се будам ноќе и веднаш го земам телефонот за да „изгуглам“ некој одговор на прашање за тест. Не сум раат со паметот – раскажува нашата соговорничка.
Оној родител којшто има проблем и смета дека му е потребна психолошка помош, слободно може да се јави на телефонските броеви на Клиниката за психијатрија и да разговара со стручно лице.
Психологот Катина Павловска во изјава за Плусинфо вели дека родителите, сакале тие или не, мора да се навикнат на новата реалност, а оние на кои потешко им оди прифаќањето на промените, посочува таа, препорачливо е да бидат во редовен контакт со психолог кој ќе ги советува како полесно да се справат со ситуацијата.
– Родителите сега се фатени во „сендвич“. Од една страна поради пандемијата се принудени да работат од дома наместо во канцеларија, а од друга страна, треба да бидат и наставници поради тоа што нивните деца ја следат наставата од дома. Тоа значи дека од родителите сега се очекува борба на повеќе фронтови, но не секој човек може да го издржи таквиот притисок. Тоа што мора тие да го сторат е да го реорганизираат семејството, односно да си ги поделат обврските. Уште една важна работа е тоа да им се овозможи на децата да почувствуваат училишна атмосфера во својот дом. Едноставно, една соба, доколку има можност, нека биде пренаменета само за учење, па на тој начин родителот нема да има потреба толку време да минува грижејќи се за училишните обврски на децата – објаснува Павловска.
Таа вели дека онлајн наставата е новата реалност и дека на тоа треба сите родители да се навикнат, бидејќи, како што посочува, никој не знае уште колку време ќе трае пандемијата.
– Оној родител којшто има проблем и смета дека му е потребна психолошка помош, слободно може да се јави на телефонските броеви на Клиниката за психијатрија и да разговара со стручно лице. На тој начин ќе добие одлични совети за тоа како полесно да ја преброди новата ситуација, а ќе добие и упатства како да реагира во одредени ситуации кои му предизвикуваат нервоза или паника – објаснува Павловска.
Но, очигледно, училишните обврски на децата не се единствениот предизвик за родителите. Како што неодамна истакнаа од Министерството за образование, во неколку ситуации забележана е злоупотреба на онлајн наставата од страна на учениците, па како што велат оттаму, најголемата улога во надминување на ваквата состојба ја имаат токму родителите.
„Секој наставник има личен интегритет и педагошки алатки за пристап кон ваквите ученици и наставникот е директно одговорен за начинот на постапување и формите на комуникација со ученциите и во вакви ситуации. Но, најголемата улога во надминување на оваа состојба ја имаат родителите. Секој наставник, класен раководител, треба активно да реагира на вакви случаи и навремено да разговара со родителите, коишто се клучен фактор за надминување на оваа состојба – преку индивидуални средби или во форма на родителски средви што ќе помогнат да се надминат овие проблеми“, соопштија од Министерството за образование.