НА ТРАМП НЕ МУ СЕ ДАВААТ „ТОМАХАВКИ“ „И нам ќе ни требаат“

На Москва ѝ се брза да го продолжи дијалогот откако слушна за проектилите „Томахавк“ - рече Зеленски додека патуваше кон Вашингтон, на средба со американскиот претседател.

1,497

Доналд Трамп синоќа изјави дека САД не можат да ги „осиромашат“ сопствените резерви од ракети „Томахавк“, кои Украина бара од САД да ги обезбедат за да одговорат на руските напади.

– Не можеме да ги осиромашиме (резервите) на нашата земја. Ни требаат, па не знам што можеме да направиме – рече американскиот претседател како одговор на новинарско прашање за тие крстосувачки ракети.






Трамп денеска ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, кој веќе побара од Америка да ѝ ги обезбеди тие ракети.

– На Москва ѝ се брза да го продолжи дијалогот откако слушна за проектилите „Томахавк“ – рече Зеленски додека патуваше кон Вашингтон.

Нивната средба следува ден по телефонскиот разговор на Трамп со Владимир Путин, за кој кажа дека бил многу продуктивен и бил постигнат прогрес. Тие притоа договориле нова средба, што треба да се одржи во Будимпешта следната недела.

На новинарите во Белата куќа тој им соопшти дека планира да се сретне со Путин во „следните две недели“ и дека имал „многу продуктивен“ разговор со рускиот претседател.

Иако неодамна кажа дека би можел да ѝ даде вакви проектили на Украина, Трамп се чини почна да се премислува по телефонскиот разговор со Путин. Трамп, исто така, рече дека ќе му пренесе на Зеленски што разговарал со Путин.

Зеленски подолго време ги бара проектилите „Томахавк“, кои имаат дострел од 2.500 километри, па Украина со нив би можела да ја гаѓа и Москва. Тие биле тема и на вчерашниот разговор Трамп-Путин, па советникот на Кремљ, Јури Ушаков, рече дека Путин му рекол на Трамп дека испораката на вакви проектили ќе ги наруши мировниот процес и американско-руските односи.

На оваа средба Трамп зазел поцврст став кон Русија од средбата со Путин на Алјаска во август откако не успеа да направи напредок во неговите мировни напори. Оттогаш до вчера, тие имале само уште еден телефонски разговор, а Трамп ги подобри односите со Зеленски и почна повеќе да ѝ се заканува на Русија со економски мерки. Во септември дури рече дека верува оти Украина би можела да ја врати целата своја окупирана територија и најави дека ќе ѝ испорача проектили со долг дострел.

Зеленски изрази надеж дека моментумот што доведе до крајот на војната на Блискиот Исток ќе помогне да се заврши и војната на Русија против Украина. Оваа порака тој ја објави синоќа на мрежата X по слетувањето во Вашингтон, каде што денеска треба да се сретне со  Трамп.

„Очекуваме дека замавот за сузбивање на теророт и војната што успеа на Блискиот Исток ќе помогне да се стави крај на војната на Русија против Украина. Путин сигурно не е похрабар од Хамас или кој било друг терорист. Јазикот на силата и правдата неизбежно ќе функционира и против Русија“, напиша Зеленски.

 

Поврзани содржини