НА ТИЕ ШТО ИМ ЗГОЛЕМИЈА 78% НЕМА ДА ДОБИЈАТ УШТЕ 10% Зголемувањето на платите во јавниот сектор не важи за функционерите

Функционерите не се работници во јавниот сектор и за нив нема да важи зголемувањето на платите што е предвидено со договорот што го постигневме со ССМ, рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

438

Зголемувањето на платите во јавната администрација за 10% од септември годинава нема да важи за функционерите на кои претходно со одлука на Уставен суд им беше зголемена платата за 78%, потврди вечерва министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

– Функционерите не се работници во јавниот сектор и за нив нема да важи зголемувањето на платите што е предвидено со договорот што го постигневме со ССМ, рече Тренчевска во гостување на ТВ Канал 5.






Таа нагласи дека зголемувањето на платите на функционерите не е со одлука на Владата, туку со одлука на Уставен суд која не се коментира и само се спроведува.

– Како Влада бараме начин да се намалат платите на функционерите, но не може тоа да го спроведеме само со наша одлука, туку е потребна и одлука на Собранието. Покрај тоа, со одлуката на Уставен суд за 78% се зголемени и платите на градоначалниците, рече Тренчевска.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов посочи дека зголемувањето од 10% можеби не е доволно, но е добра основа за понатаму.

– Сега јавната администрација ќе има предвидливост и ќе знае дека во иднина ќе растат нивните плати, рече Трендафилов.

Министерката истакна дека со зголемување на платите ќе се бара и зголемување на продуктивноста на јавната администрација, на што Трендафилов и одговори дека нема лоши и непродуктивни работници, туку само малку платени работници.

– Ако ја покачуваме платата ќе бараме и реорганизација на работните места во јавната администрација што нема да значи губење на работни места, туку прераспоредување онаму каде што се потребни и каде што ќе бидат попродуктивни, рече Тренчевска.

Таа нагласи дека е против одобрување на неплатено отсуство за работниците во јавниот сектор за да одат во странство на привремена работа коај е подобро платена.

– Тоа е нивно право, но не може да се добие само со барање и без пропратна документација за што им е потребно. Не може да не му се дозволи неплатено отсуство на работник за нега на болно лице или за нешто слично, посочи Тренчевска.

 

Поврзани содржини