🎥 НАЈТЕШКА Е СОСТОЈБАТА ВО КИЧЕВО Евакуирани се стари и изнемоштени лица

Општина Кичево упатува сериозен апел до граѓаните да не се движат низ поплавени подрачја и да избегнуваат ризични делници, да не ја попречуваат механизацијата и екипите при работа и да пријават доколку забележат нови критични точки или опасност за домаќинствата.

51

Обилните врнежи предизвикаа сериозни проблеми во повеќе делови низ земјата, а екипите на општините, противпожарните служби и институциите за заштита и спасување непрекинато интервенираат на критичните места во Скопскиот, Кумановскиот, Тетовскиот и во Гостиварскиот регион, каде што има излевање на реки, поплавени домови, свлечишта и затрупани одводни канали.

– Реката Слупчанка излезе од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од селото, а најголем дел од поплавените површини се земјоделско земјиште. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се зафатени земјоделски површини – информираат од ЦУК.






Според досегашните информации, нема пријавени штети од жителите и од земјоделците, освен поплавените земјоделски површини.

Во Тетовскиот Регион, од синоќа до раните утрински часови беа регистрирани интензивни и континуирани врнежи од дожд, што придонесе за зголемен водостој и проблеми со одводни канали на повеќе локации.

– Преку бројот за итни повици 112 беше пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – Џепчиште (Џермо), поради што сообраќајот е во прекин. Пријавено е и свлечиште на патниот правец кон село Једуарце, каде што од страна на надлежната општина е извршена интервенција и патот е оспособен за сообраќај. Евидентирани се затрупани канали во селата Шемшево и на правец Требош – Јажинце, при што се реализирани соодветни интервенции – информираат од ЦУК.

Патниот правец кон Попова Шапка е прооден, но на делница од околу четири километри сообраќајот се одвива отежнато и наизменично. Од 07:45 часот на сила е забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси на правецот Тетово – Попова Шапка.

– Во моментов нема значително зголемување на водостојот и нема опасност од излевање на поголемите водотеци. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење се одвива непречено – се вели во соопштението од ЦУК.

Во Гостиварскиот Регион, по обилните врнежи од дожд се евидентирани повеќе случаи на поплавувања во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше.

– Во Гостивар и во околните населени места пријавени се повеќе поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти, како и излевање на водотеци и затрупани канали. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, при што лицата се безбедно извлечени. Во село Форино е пријавено излевање на реката Вардар од коритото, со поплавени земјоделски површини и потенцијален ризик за куќите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Во координација со надлежните институции ангажирана е механизација за отстранување на пречките од речното корито – информираат од ЦУК.

Поради ограничени технички ресурси, како што посочуваат од ЦУК, дел од интервенциите се реализираат со отежнати услови, но сите надлежни служби се на терен.

– Во Општина Кичево, по излевање на Зајашка река, поплавени се куќи и дворови на повеќе улици. По 12 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти – информираат од ЦУК.

Интервенциите се реализираат во постојана и директна координација со ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијална противпожарна единица – Кичево. На терен се присутни и командирот Филип Митрески, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, градоначалникот Д-р Александар Јовановски и директорот Бојан Стојкоски, со цел навремено донесување одлуки и поефикасна распределба на ресурсите.

Општина Кичево упатува сериозен апел до граѓаните да не се движат низ поплавени подрачја и да избегнуваат ризични делници, да не ја попречуваат механизацијата и екипите при работа и да пријават доколку забележат нови критични точки или опасност за домаќинствата.

Состојбата, како што информира директор на ЦУК, Мухамед Али, во сите региони се следи континуирано во координација со надлежните институции.

Поврзани содржини