НА ТАРАВАРИ МУ ЧАДИ ГЛАВАТА – ДАЛИ ДА СЕ ФАТИ ЗА АХМЕТИ ИЛИ ДА СЕ САМООПРЕДЕЛИ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА? Алијанса на Албанците има топ понуди од двете страни
Во партиските кругови се зборува дека лидерот на Алијанса за Албанците не е баш ќефлија неговата партија да излезе со заеднички листи со ДУИ на изборите, но за разлика од него, поранешниот партиски лидер Зијадин Села и актуелниот министер за правда Кренар Лога, кој е партиски генерален секретар, наводно вршат притисок за Алијанса за Албанците да коалицира со партијата на Али Ахмети.
Уште сега не му е лесно на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, а очигледно уште потешко ќе му биде во следните две недели, кога буквално ќе му „чади главата“ од разни предизборни понуди за коалиции, притисоци, тактизирања, надигрувања…
Како што дознаваме од партиски извори, следните 10 дена се клучни за Таравари да донесе конечна одлука за тоа по кој пат ќе тргне неговата партија – дали предизборно ќе се обедини со т.н. Европски фронт, кој го сочинуваат ДУИ и СДСМ, или, пак, ќе ѝ се приклучи на албанската опозиција Европски сојуз за промени, која е предводена од Алтернатива, Беса и од партијата Демократско движење. Секако, во игра е и трета опција, а таа е Алијанса за Албанците сама да настапи на изборите.
Дека станува збор за деликатен момент, напиша и самиот Таравари на Фејсбук: „Има деликатни моменти во историјата на една држава каде одлуката што ќе ја донесете за краток временски период, ги спасува следните децении“.
Во партиските кругови се зборува дека лидерот на Алијанса за Албанците не е баш ќефлија неговата партија да излезе со заеднички листи со ДУИ на изборите, но за разлика од него, поранешниот партиски лидер Зијадин Села и актуелниот министер за правда Кренар Лога, кој е партиски генерален секретар, наводно вршат притисок за Алијанса за Албанците да коалицира со партијата на Ахмети.
Нашите извори брифираат дека Таравари повеќе се залага за коалиција со албанската опозиција, особено по неговата неодамнешна средба со косовскиот премиер Албин Курти, чија партија Самоопределување стана уште еден коалициски партнер на триото Алтернатива, Беса и Демократско движење.
Но, деновиве Таравари се сретна и со Али Ахмети во својот кабинет во Гостивар, па во јавноста се појавија информации дека лидерот на ДУИ наводно му понудил 8 пратенички места и 5 градоначалнички, во замена за предизборен коалициски договор.
Ништо посиромашна не била ниту понудата од албанската опозиција, па како што дознаваме, на Алијанса за Албанците ѝ била понудена парламентарна група сочинета од 5 пратеници, 2 до 5 градоначалници, а и на Таравари му е оставена честа да го избере кандидатот за претседател на државата од редовите на опозицијата.
Лидерот на Демократското движење, Изет Меџити, во изјава за ТВ21 признава дека имаат интензивни средби со Таравари, но не сака да зборува за бројки.
– Не, во албанската опозиција и со овие четири субјекти кои сме во албанската опозиција не сме зборувале за бројки. Ги надминавме личните, партиските интереси, а тоа значи дека нѐ обедини фокусот за да го донесеме тоа што го бараат граѓаните, да донесеме промена – вели Меџити.
Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски сѐ уште се надева дека Европскиот фронт е остварлива и победничка идеја.
Тој потврди дека имал повеќе средби со Таравари и со Ахмети, како владини партнери. Според Ковачевски, единствена алтернатива на нашата држава е зачленување во ЕУ, а дека сè друго е утопија и популизам.
– Одлуките, секако, ќе бидат носени во согласност со она што го покажуваат анализите, согласно очекувањата на политичките партии и според програмите што ги имаат. За договор е потребно усогласување на многу елементи за кои сметам дека има добра основа. Ќе оставиме на времето пред нас да покаже каков ќе биде финалниот изглед и на листите и на изборите – рече Ковачевски.