НА ТАЛИБАНСКИ НАЧИН СЕ БРИШЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ, обвини премиерот Мицкоски
Сите тие кои манипулираа во минатото, сите што нè убедуваа дека треба само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да им се извинат, затоа што не ја говореа вистината или поим немаат од водење политика, повика премиерот Христијан Мицкоски.
За жал, оние егзибиции кои 7 години се случуваа кај нас дома, нè доведоа до тоа, да на талибански начин се брише македонскиот јазик и македонскиот идентитет од извештај во Европа, а тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Тој одговараше на новинарско прашање како го оценува тоа што во извештајот за Македонија што деновиве ќе се усвои во Европскиот Парламент, според бугарските медиуми, е постигната согласност од најголемите европски партии, воопшто да не се споменува македонскиот јазик и идентитет. Според бугарските медиуми во извештајот нема да ја има додавката современ пред терминот македонски јазик, туку тоа прашање ќе се исклучи и ќе се врати старото решение според кое беа пишувани овие документи.
– Ние деновиве предупредивме дека ќе се случува ваквиот инженеринг. За нас е исто подеднако лошо и тоа што од извештајот се брише терминот македонски јазик и идентитет, исто како и да стоеше терминот модерен македонски јазик. Буквално е поденкаво лошо. Но, она е важно, е да се напомене дека оној мал чекор, кога во Комитетот за надворешни работи при ЕП во извештајот помина и македонски јазик и македонски идентитет, ќе остане во колективната меморија, дека за прв пат некогаш помина македонски јазик во главниот град на ЕУ, Брисел, во седиштето на европската демократија – Европскиот Парламент – рече премиерот Мицкоски.
Второ, додаде тој, уште еднаш се докажа, на јавна сцена, дека не е проблемот само да се стават неколку стотини Бугари во Уставот туку е многу подлабоко.
– И сега сите тие кои манипулираа во минатото, сите што нè убедуваа дека треба само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред сите добронамерници и надвор од Македонија, политичари и други личности, на кои им велеа само ова да се реши и готово, затоа што не ја говореа вистината или поим немаат од водење политика. За жал оние егзибиции кои 7 години се случуваа кај нас дома, нè доведоа до тоа, да, еве гледате, би рекол, има еден збор да го употребам, не би сакал да го употребам, но ќе одам еден чекор напред и ќе го употребам, на талибански начин се брише македонскиот јазик и македонскиот идентитет од извештајот во Европа, Тоа го дочекавме како народ во 21. век, тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Бугарските медиуми денеск објавија дека Европскиот Парламент е на чекор од отстранување на термините македонскиот идентитет и јазик од извештајот на европратеникот Томас Вајц за напредокот на Македонија. Според БГНЕС, трите најголеми политички сили во Европскиот Парламент – Европската народна партија, С&Д и Обновена Европа се согласиле да ги отстранат термините македонски идентитет и македонски јазик од нацрт-извештајот и се очекува мнозинството во пленарната сала во Стразбур следната недела да ги поддржи амандманите на извештајот.
Според БГНЕС во став 80 од извештајот се изразува загриженост за проектот „Српски свет“ и фактот дека претставниците на владата на Македонија го поддржуваат и промовираат овој концепт; се осудува учеството на состаноци насочени кон воспоставување сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите држави и стабилноста во регионот. Во точка 81 се наведува „потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби, УДБА и КОС – од времето на Тито кои се чуваат и во Македонија и во Србија, како и потребата овие архиви да се отворат на регионално ниво, со цел транспарентно надминување на тоталитарното минато и за зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западен Балкан.
„Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание, вклучително и напори за поделба на општественото ткиво на земјата и искористување на антиевропските чувства, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание“, се наведува во документот, пренесува БГНЕС.