НА СВОЈ ТРОШОК БЕВМЕ ВО ИТАЛИЈА Фатиме Фетаи, Тупанчевски и Нанев на удар на Антикорупциска и ДКСК
Секако дека трошоците поврзани со следењето на натпреварот (овој и на другите) сама ги покривам. Да се радуваме заеднички на овој и те како заслужен успех, изјави Фетаи, веднаш штом пристигна во Скопје.
Вишата обвинителка Фатиме Фетаи, министерот за правда Никола Тупанчевски и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, се најдоа на тапет во јавноста откако беа прозвани од Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК) и од Антикорупциската комисија да одговорат дали на државен трошок биле во Палермо за да го следат натпреварот меѓу Македонија и Италија.
Тројцата ги демантираа гласините, велејќи дека сами ги покриле трошоците за да седат во ложата на стадионот „Ренцо Барбера“.
Еве што Фатиме Фетаи изјави за „Фокус“:
– Пред сѐ, сакам да им честитам на нашите фудбалери и на сите граѓани кои се радуваат на победата на нашата држава за многу значајната победа над Италија и да посакам иста таква да оствариме и во Португалија. Секако дека трошоците поврзани со следењето на натпреварот (овој и на другите) сама ги покривам. Да се радуваме заеднички на овој и те како заслужен успех – изјави Фетаи, веднаш штом пристигна во Скопје.
Со слична изјава излезе и Тупанчевски:
– Секако дека на свој трошок бев во Италија – изјави за „Фокус“ министерот, веднаш штом слета во Скопје.