На својот 30-ти роденден, СДСМ е истребен од социјалдемократи, а нивните соништа се украдени!
СДСМ е денес псевдодемократска партија, таа повеќе не е место во кое се раѓаат добри политики. Султанизирана, груевизирана, раководена од интелектуална бижутерија, таа е од ден во ден сѐ повеќе клиентелистичко акционерско друштво во кое доаѓаат печалбари на привремена работа.
Среќен роденден! 30 години СДСМ! 20 април 1991 – 20 април 2021.
Денеска, 20 април, е празник со кој се одбележува 30-годишнина од постоењето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Денеска, вистинските социјалдемократи, кои веруваа во идеолошките одредници на оваа државотворна партија, оние чии заложби и цели беа модерна и просперитетна држава пред сè и над сè, како и граѓанско општество каде приматот го има неговото височество граѓанинот, сè уште свежо се сеќааваат на една поинаква борба и верба од денешната, борба и верба на идеи и вредности. Се сеќаваат на времињата чија одлика беа мудрост, национална гордост и достоинство во раководењето со државата, на еден поинаков углед на Македонија на меѓународната сцена, борба и верба во подобро утре.
Низ годините следеа низа успони и падови, но…
За жал, денеска СДСМ, иако партија на власт, ги живее најнеславните денови од своето постоење. Разочарувањето е огромно и кај граѓаните, но и во редовите на самата партија. Идеолошки обезличена, приватизирана, без однос кон своето минато и величините кои ги поставија темелите на партијата но и на државата, со желба дури да се смени и датумот за роденденот од 20 во 21 април, пораката е загрижувачка:
СДСМ е денес псевдодемократска партија, таа повеќе не е место во кое се раѓаат добри политики. Султанизирана, груевизирана, раководена од интелектуална бужутерија, таа е од ден во ден сѐ повеќе клиентелистичко акционерско друштво во кое доаѓаат печалбари на привремена работа. СДСМ е истребен од социјалдемократи, а нивните соништа се украдени.
Процесите се многу повеќе празни маркетиншки балони одошто суштински промислени постапки кои треба да имаат предвидлив резултат. Се котат „ќосиња“ кои на дневна основа се занимаваат со дисквалификација и елиминација на инакумислечките. Сопартијците не смеат да испијат кафе со неподобните, а камо ли да се сослушаат меѓусебно, па дури и да го прослават заедно овој значаен ден, нешто вообичаено за демократскиот свет. Исчезнаа другарството, солидарноста и пожртвуваноста.
Има уште многу што да се каже за состојбите во СДСМ, но тешко е да се издвои нешто светло.
Сепак, во оваа пригода би сакала да ја задржам мерката и за крај да порачам:
Среќен 30-ти роденден вистински социјалдемократи, колку и да сте денес такви на број!
(ФБ статус на авторката)