Два степени под нулата утрово се измерени на Попова Шапка, -1 во Маврови Анови, Лазарополе, Берово, нула во 0 Крушево, 2 степени во Скопје-Петровец, Крива Паланка, Куманово, Тетово, Виница, Штип, Битола, Прилеп, три Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Претор, четири во Струмица, Демир Капија, пет во Гевгелија и шест степени во Дојран, соопшти Управата за Хидрометеоролошки работи.
Снежната покривка утрово во 7 часот била 23 сантиметри на Попова Шапка.
Времето во текот на ноќта и утрово облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Во првата половина од ноќта снег врнеше и во Пожаране. Дуваше слаб до умерен ветер од североисточен и југоисточен правец.
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд и со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Повеќе врнежи се очекуваат во понеделник, кога ќе дува умерен, а во вторник и среда засилен ветер од северен правец. Утре и во недела по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла.