НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ ЌЕ СЕ ГЛАСА РЕФЕРЕНДУМСКИ, А ТАКВА ЌЕ БИДЕ И ПОБЕДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ Никогаш повеќе партија со 15 пратеници нема да биде главна, вели поранешниот спикер Трајко Вељаноски
За сите е битно да се воведе демократска култура на владење во текот на изборниот процес. Тоа е многу поважно отколку некакви хибридни решенија за влада во текот на изборите, но како што кажав, веќе е доцна за било што освен за почитување на ова законско решение и ВМРО-ДПМНЕ да земе учество во тнр. Пржинска влада - вели поранешниот собраниски сопикер Трајко Вељаноски во интервју за Плусинфо.
Трајко Вељаноски е искусен правник, политичар и седми по ред претседател на Собранието на Република Македонија. Должноста ја вршел од 2008 до 2016 година. Член е на ВМРО-ДПМНЕ. Во Собранието ги вршел и должностите на претседател на Комисијата за уставни прашања и шеф на делегацијата на Собранието на Македонија во Интерпарламентарната унија. Повеќе години ја водел Комисијата за правни работи на ВМРО-ДПМНЕ, бил член на Комисијата за политички систем, а исто така го водел и Форумот за правни и политички прашања и судски систем на ВМРО-ДПМНЕ.
Вељаноски беше претседател на Собранието во турболентните момнети на 2017 година, кога дојде до смена на власта. На 26 јули 2021 година Основниот кривичен суд го осуди Вељаноски на 6 години и 6 месеци затвор, заедно со ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Вељаноски и другите беа осудени за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, за учество во организацијата на нападот на Собранието на 27 април 2017 година со цел да се спречи смена на власта.
Апелацискиот суд Скопје на 3 април 2023 година ги уважи жалбите на Вељаноски и на другите обвинети и ја укина првостепената пресуда, а предметот „Организатори на 27 април“ го врати на повторно одлучување пред Основниот кривичен суд Скопје. Апелацискиот суд оцени дека Основниот кривичен суд требало во поголема мера да го разгледа прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното дело и дека судот сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка.
Вељаноски континуирано се јавува во јавноста со коментири и сугестии за одредени политички прашања, ја критикува работата на Собранието во отворени писма, а го коментираше јавно и последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, оценувајќи го како воопшто најлош откако Македонија добива вакви извештаи.
Со Вељановски разговараме за актуелните политички состојби и проблемите кои ѝ претстојат на земјава во блиска иднина.
Плусинфо: Г-дине Вељаноски, прво накратко може ли да информираме за тоа во која фаза е предметот во кој сте обвинет за настаните од април 2017 година? Апелација ја уважи вашата жалба на пресудата, што е следно? На што се заснова вашата одбрана и што очекувате како конечен исход од овој судски процес?
Вељаноски: Како прво сакам да кажам дека тоа е класичен политички прогон за остварување не деструктивни антимакедонски интереси, а сето тоа спроведено од сега веќе разрешената обвинителка и фрлeна во историското буниште, како личност која ќе биде запаметена како негативна. Инаку, би сакал да напоменам дека јас се товарам според обвинение дека не сум ставил на гласање нешто за што и самите кажуваат дека, според Деловникот, не можело да се стави на гласање, но сум требало да водам сметка за некои повисоки цели!? Што значи дека бараат да сум постапел спротивно на Деловникот? Бог да чува! Јас сум легалист и така сум постапувал во текот на 9 години раководење со Собранието. Процесот е во почетна фаза пред Основниот суд и освен прекин на политичкиот прогон, ништо друго не може да опстане. Најголемата казна од овој процес е реваншизмот на власта. Тоа беше нивната основна намера – една плејада истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ да ги подложат на тортура и на нечовечки третман, без било каква вина. Но, ете полека заоѓа и овој мрачен период, а сонцето на слободата за кратко ќе огрее. Сепак, уште долго ќе продолжи да тлее во нашите животи споменот за овие злодела под кои бевме ставени без било каква причина од страна на СДСМ.
Плусинфо: Изминатата година помина во знакот на напорите на собраниското мнозинство да ги донесе измените во Уставот во Собранието пред министерскиот совет на ЕУ и официјален почеток на преговорите со Унијата, односно отворање на преговарачките поглавја. Дали тоа може да се случи до крајот на мандатот на овој собраниски состав, со оглед на тоа што се распишани избори за 8. мај?
Вељаноски: Ако стриктно го почитуваме деловникот на Собранието, заврши времето и рокот кога можеше да бидат ставени на гласање уставните измени, но доколку и спротивно на деловникот биде продолжена седницата со точката уставни измени, прво нема 2/3 мнозинство, и второ, нема потребен временски период да се поминат сите три фази за измена на Уставот, за кои се потребни најмалку три месеци. Тоа значи дека овој парламентарен состав нема ниту теоретски шанси да направи уставни измени.
Плусинфо: Според тнр. Пржински договор треба да биде формирана техничка влада, која треба да раководи со земјата околу три месеци пред изборите. Дали сметате дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во таа влада со свои министри и кои се агруметните за или против? Дали сметате дека техничката влада треба да опстои и во идинина како инструмент што овоможува порамноправен изборен натпревар, или сте на став дека треба да се укине?
Вељаноски: Во јавноста се оперира со термин „техничка влада“ што не е точно, тоа е „Пржинска влада“ кој е направена во други околности и за други цели. Јас пред некое време јасно се произнесов дека ваква влада е голема глупост и треба што побргу да се укине и се согласувам со идејата, ако не за овие избори барем главните политички партии се согласат – да се измени Законот за влада во делот на таканаречана техничка влада, а измените да важат од следните изборни процеси по завршување на овој изборен процес. Досега сме имале искуство во ваков тип на влада во 2016 и 2020 година. Точно е дека опозицијата ќе има двајца министри и тројца заменици-министри, но тоа не значи дека владата како колективно тело не ќе може да прави потези и да носи одлуки со кои ќе може да го наруши изборниот процес. Сакам и вас и јавноста да ја потсетам што сè направи техничката влада во текот на парламентарните избори во 2020 година, на еден месец пред изборите – таа влада донесе повеќе од 100 уредби со законска сила, и тоа некои уредби кои директно влијаеја на изборниот процес, на пример делеа субвенции, се задолжуваа, го изменија и дополнија буџетот, делеа финансиска подршка на разни категории, го сменија Изборниот Законик во делот на финансирање и рекламирање, и многу други процеси, спротивни на фер демократски процес. Иако, според Уставот, Собранието е должно да ги потврди 5-те одлуки за воведување на вонредна состојба, донесени од Претседателот на РМ, и преку стотина уредби со законска сила, донесени од Владата во текот на 2020 година, до ден денес нема одлука за нивно потврдување! Толку од владеењето на правото! Сакам да кажам дека за сите е битно да се воведе демократска култура на владење во текот на изборниот процес. Тоа е многу поважно отколку некакви хибридни решенија за влада во текот на изборите, но како што кажав на почетокот, веќе е доцна за било што, освен за почитување на ова законско решение и ВМРО-ДПМНЕ да земе учество во владата.
Плусинфо: Предизборните вработувања се исто така една „традиција“ во македонската политика, која никако да се искорени. Сведоци сме на масовни огласи за вработување од јавни претпријатија, а дополнителна нервоза создаваат зачестените услови во тие огласи да се бараат кандидати од одредена националност – Албанци, Турци, Роми.. Такви услови има дури и на чувствителни места, како специјалисти по медицина, каде стручноста треба да е далеку поважна отколку етничката припадност на кандидатите. Како ги коментирате овие појави?
Вељаноски: Во последно време гледаме масовни предизборни вработувања, што не е добар показател за фер избори, но уште повеќе иритира злоупотребата на балансерот односно вработувања по етничка основа. Какви пораки се праќаат со вработувања на Албанци, Турци, Роми….. во делови односно градови во Македонија каде што не живеат припадници од таа етничка заедница? Освен тоа дека преку злоупотребата на балансерот еден политички субјект од власта, преку изигрување на законот, ќе си ги вработи своите партиски војници. Но, ме чуди молкот на ДУИ за оваа злоупотреба на балансерот. Само да ги потсетам како жесто реагираа во парламентарниот состав во 2006 година, кога го оспоруваа правото на пратеник да се произнесе дека е од друга етничка заедница, затоа што имал македонско презиме, па дури инсистираа во Мајскиот договор да се измени Изборниот законик и пратениците онапред да се изјаснеле на која етничка група припаѓаат, ,уште со поднесувањето на листата за пратеници. Затоа би им порачал дека ова премолчување може како бумеранг да им се врати на тој начин што на некои избори поголем број пратеници може да се изјаснат дека се од друга етничка заедница, а не македонската, па тогаш нема да имаат право да се бунат, како што сега не се побунуваат за атер на својот коалиционен партнер во власта.
Плусинфо: Парламентарните избори се закажани за 8. мај, заедно со вториот круг од претседателските избори. Официјалниот аргумент на опозцијата, која се залагаше за тој термин, беше дека така ќе се заштедат пари на даночните обврзници. Дали можеби мотивот не е во тоа да има поголем одѕив на вториот круг на изборите, со што би се избегнало сценарио претседателските избори да не успеат? Кој добива, а кој губи со вакви изборни термини?
Вељаноски: Прво, непотребно со месеци се малтретираше јавноста кога ќе бидат изборите. Сосема беше јасно дека единствен термин за одржување на заеднички претседателски и парламентари избори беше датумот 8 мај. Со овој термин се постигнуваат две цел. и: прво, економски се заштедуваат пари на даночните обврзници и плус, се скратува временски изборниот процес, кога целата економија е во грч. И второ, се обезбедува во вториот круг на претседателски избори да се оствари цензусот од 40% за успешни претседателски избори. Ја користам можноста да упатам апел – ако сакаме 100% да имаме успешни претседателски избори, ДИК да донесе акт со тоа што на 8 мај, кога ќе има заедно претседателски и парламентарни избори, на гласачкото место да има само еден избирачки список, а не два посебни. Гласачот треба да се потпише само на еден единствен избирачки список, а да добие две гласачки ливчиња, едно за парламентарни избори, а другото за претседателски избори. На тој начин ќе се спречат оние политички субјекти на кои нема да им одговараат резултатите од првиот круг на претседателските избори, да ги тераат гласачите да го бојкотираат вториот круг за избор на претседател. Според мене, оваа е многу битно и важно за успешен изборен процес, а битно е и за самата држава.
Плусинфо: Дали идното собраниско мнозинство, под претпоставка да биде предводено од ВМРО-ДПМНЕ, како што се очекува, би можело да ги донесе уставните измени? Дали се согласувате дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да се откаже од евроатланските стратешки цели. Ако е така, каде го гледате маневарскиот простор на идното собранискко мнозинство да ги одблокира евроинтеграциски процеси, кои со тнр. Француски предлог се тесно поврзани и со односите со Бугарија. Дали е решението во отфрлање на Францускиот предлог, отстапување од Договорот за добрососедство со Бугарија, или нешто трето?
Вељаноски: ВМРО-ДПМНЕ уште од основањето има стратешка цел за евроинтеграција. Сакам да ве потсетам дека во 2009 година за првпат Македонија доби препорака за отпочнување преговори со ЕУ и во следните 6 години се повторуваше таа препорака, но од познатата причина за спорот со Грција, бевме блокирани. Сакам да кажам дека основна цел на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде побрза евроинтеграција, но секако водејќи сметка и за државните и македонски интереси. Убеден сум дека по изборите може да се најде излезно решение, но не по секоја цел. Расположението на народот на изборите ќе ги диктира сите идни чекори.
Плусинфо: ВМРО-ДПМНЕ води на анкетите и се очекува по изборите да го добие мандатот за формирање влада. Каде ги гледате идните партнери на вашата партија за коалицирање? Може ли да се случи, поради досегашната политика на спротиставување на уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ да не може да најде партнер меѓу партиите на Албанците во Македонија, со оглед на тоа што и опозициските партии на Албанците нагласуваат дека преговорите со ЕУ, а со тоа и уставните промени, за нив се приоритетни? Може ли да се случи поради тоа ВМРО-ДПМНЕ да не може да состави влада?
Вељаноски: Согласно расположението на народот, а и револтот што го имаат граѓаните спрема актуелнава власт, убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува убедлива победа и тоа можеби на граница да оствари апсолутно мнозинство во парламентот, сето ова ќе зависи од излезеноста на изборите доколку народот излезе референдумски, таква ќе биде и победата – референдумска. Без оглед на евентуалното апсолутно мнозинство неопходно е да има учество во владата и на албанска партија и тоа не го гледам како пречка, но во таа влада ќе се знае која е носечка партија, согласно бројот на пратеници, а не како сега, партија со 15 пратеници да биде главна.