НАЈСЛАТКИ СЕ ПАРИТЕ ОД УПРАВНИ ОДБОРИ Предлогот на Азески би ѝ заштедил 2,5 милиони евра на државата, ама кој го слуша

Експерти велат дека во основа се наметнува прашањето дали во овие одбори членуваат најдобрите кои би управувале со нашите институции или се само сатисфакција за поддржувачите на политичките гарнитури и служат за поткуп на организациите на граѓани кои делегираат свои членови. Дел од нив сметаат дека идејата за укинување е добра само ако се намалат трошењата од буџетите на институциите за неквалитетни кадри и партиски послушници.

456

Повеќе од 3.700 лица во земјава членуваат во управните и во надзорните одбори на 423 институции. Тие годишно ја чинат државата меѓу 2 и 2,5 милиони евра.

Постоењето на овие одбори, како и изборот на нивните членови од редовите на партиите, нивната непрофесионалност во работењето и високата сума пари која годишно оди за нив со години се наметнува како проблем наспроти потребата од контрола на работењето на раководните лица на овие институции и натамошното постоење на овие органи.






Вчера од бизнис зедницата дојде иницијатива за нивно укинување со што ќе се заштедат пари и ќе се намали злоупотребата на моќта на функционерите. Идејата ја презентира претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, без притоа да каже какви бенефити би се добиле од тоа и кој би ја вршел контролата на работата на институциите.

Експерти велат дека во основа се наметнува прашањето дали во овие одбори членуваат најдобрите кои би управувале со институциите или се само сатисфакција за поддржувачите на политичките гарнитури и служат за поткуп на организациите на граѓани кои делегираат свои членови. Дел од нив сметаат дека идејата за укинување е добра само ако се намалат трошењата од буџетите на институциите за неквалитени кадри и партиски послушници кои не ги контролираат нивните сопартијци.

Професорот Здравко Савевски смета дека ова е ретка прилика кога бизнис здруженијата се во право кога бараат да се укине нешто.

– Дефинитивно управните, па и надзорните одбори треба да се укинат и парите кои се трошат за нив да се потрошат за други намени во буџетите на тие институции. Причина повеќе е тоа што преку нив покрај што се вдомуваат партиски војници кои најчесто се некомпетентни за областа која треба да ја управуваат или да вршат надзор, се користат и за поткуп на организации како синдикатите, пензионерските здруженија, Организацијата на потрошувачите и со тоа се оневозможуваат овие организации да ги штитат правата на луѓето кои ги застапуваат – вели Савевски.

Според него, треба да се направи една поголема чистка пред да се донесе одлука за замрзнување на платите во јавниот сектор кој е најпогоден од инфлацијата.

Економистот Маријанчо Николов, пак, му дава шанса на новиот закон со кој се професионализира членството во управните одбори и нивниот избор на конкурс, кој веќе е на сила, но не е сигурен дека тоа ќе биде брана за вдомување партијци.

– Законот дава шанса членовите на управните и на надзорните одбори да се изберат на конкурс и меѓу најквалитетните кои ќе си ја вршат работата професионално и тековно ќе ја контролираат работата на раководните кадри како брана за можните злоупотреби. Треба да му се даде шанса да профункционира за да се види дали ќе даде ефекти, посебно затоа што не треба да се откажеме од контролната улога врз раководните кадри и работата на институциите – вели тој.

И Николов има забелешка на трошоците што се прават за надоместоците на членовите на управните и надзорните одбори.

– Доколку се издвојуваат пари за нефункционирање на одборите парите се неекономски потрошени, но ако одборите работат и успешно ги извршуваат работите за кои се избрани тогаш тие и ќе го оправдаат издвојувањето за нив. Факт е дека има голема разлики на трошоците ако се споредуваат институциите. Тука има простор да се намалат износите кај оние одбори кои немаат никакво влијание над раководењето во тие институции – додава тој.

Тој има резерва во однос на можноста во блиска иднина да се надмине вдомувањето на партиски кадри во одборите.

– Со оглед на менталитетот, не можам да тврдам дека новиот систем ќе биде брана за партиски вдомувања, но добро би било ако се успее тоа да се постигне бидејќи тоа и непрофесионалноста се главните причини за слабата ефикасност на овие органи. Дополнително треба да се направи регистар со што ќе се оневозможи едно лице да биде член на повеќе управни или надзорни одбори што пак е уште една болна страна, како и непотребното поставување управни и надзорни органи на институции во кои скоро и да нема вработени што директно покажува дека партиските интереси се пред интересите на државата – вели Николов.

Државата со години најавува реорганизација на јавната администрација во која се предвидуваше и намалување на институции и на управните одбори, но сепак се одлучи за измени на законот за јавни претпријатија во кој се менува системот за избор на раководни лица и на членовите на управните и на надзорните одбори.

Основната улога на членовите на управните и надзорните одбори пропишана со закон е контролен механизам кој треба да се грижи за регуларноста на работењето на институциите и спроведувањето на законите. Според законот за јавни претпријатија, управните и надзорните одбори служат за контрола на материјално-финансиското работење на директорот. Управниот одбор се состои од најмалку 5, а најмногу 15 членови. Нивниот мандат изнесува 4 години.

 

СЛУЖБЕНИТЕ ВОЗИЛА ЗА ВИКЕНДИ ВИ СЕ ПО НИВИТЕ НА ШВАЛЕРАЈ! На Азески му е преку глава од продолжени викенди, управни одбори и вечна кампања

Поврзани содржини